Ваквата страшна несреќа ја отвори пандорината кутија во која лежи целата неспособност на власта предводена од СДСМ и ДУИ, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
-Додека власта се обидува на секој можен начин да ја прикрие вистината, јавноста трага по вистинитоста на случајот. И покрај молкот од власта за сите прашања кои досега ги поставивме, СДСМ и ДУИ се уште се обидуваат вината да си ја префрлат од еден на друг во зависност од тоа кој која институција ја раководи. Кадарот на ДУИ, Руфат Хусеини како директор на Инспекторатот за транспорт објави дека регистарските таблички на автобусот на Беса Транс не постојат, практично автобусот не е регистриран и така поминал на граничниот премин Деве Баир. Додека Хусеини се чуди и се обидува одговорноста да ја насочи кон МВР и Царина, од таму мудро молчат со надеж дека ќе ги замолчат и граѓаните. Овој автобус минатата година ја поминал границата вкупно 135 пати и дали тоа се случило на истиот начин, нерегистрирано возило успешно да ја минувало границата? Кој го овозможил тоа и за која цел? До кога личниот интерес ќе има примат за сметка на колективниот? Оваа власт на чело со премиерот во заминување за сите трагедии кои се случија, од несреќата во Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово па се до оваа автобуска несреќа функционира на истиот начин. Морална одговорност стана мисловна именка, а за политичка одговорност не ни размислуваат, мудро си ја префрлуваат вината и купуваат време. Автобус кој не бил пријавен во Министерство за транспорт и врски, кој немал лиценца за вршење на меѓународен транспорт, кој не бил регистриран и бил управуван на непостоечки таблички ја поминал границата, истакна Митева.
После сите утврдени факти можеме да заклучиме дека целата вина лежи во институциите кои се под раководство на оваа власт, а тие се уште велат дека не се виновни. Неопходно е СДСМ и ДУИ да ги ослободат институциите а со тоа да ја ослободат државата од неспособност. Само така ќе се спречат идни трагедии, додаде таа.