Гледам дека Оливер Спасовски денеска од собраниска говорница ми го спомнувал името и правел политички конструкции чија цел е моја политичка дискредитација и ништо друго, реагира преку Фејсбук портпаролката на Владата Марија Митева.

-Знам дека собраниската говорница носи комоција и немање одговорност за изнесени ставови и ти дава комфор да искажуваш тешки квалификации, но би било храбро да го повториш тоа што го кажа денес надвор од таа говорница, со таков скандалозен наслов како што сте си го објавиле на youtube каналот на СДС. Повтори дека некој фалсификувал документи за да ме спаси мене. Или дека имало намера, насока или било каква интервенција од мене некој да направи нешто спротивно на закон за да ме „спаси“.

Кажи го тоа директно. Со име и презиме. И со доказ.

Затоа што никогаш не сум барала од кого било да ме „спасува“. Твојата конструкција е очигледна и сакаш политичка приказна, а моето име го ставаш во неа само за да ме дискредитираш.

Знаеме сите дека СДС има искуство со вакви конструкции. Долго време бевте на чело на систем во кој политичките приказни, инсинуациите и „оперативните“ конструкции се користеа како средство за пресметка со политички противници.

И кога веќе толку лесно зборуваш за „фалсификување“, редно е да се потсетиме и на времето кога беше министер за внатрешни работи и кога се откри скандалот со група полициски службеници вмешани во издавање 214 пасоши на странски државјани под туѓ идентитет, меѓу кои, имаше и лица поврзани со меѓународни криминални групи.

Затоа, Спасовски, помалку конструкции од говорница со моето име во нив, пишува Митева во својата Фејсбук објава.