Дуото Ковачевски ја донесе државата пред енергетски колапс. Енергетските капацитети работат со половичен капацитет, а и такви какви што се заради неспособноста и криминалот на власта го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето на граѓаните, како што е случајот со РЕК Битола веќе неколку дена, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

-На депонијата во РЕК Битола нема резерви на јаглен. Според нашите информации моментално има само 90.000 тони мешавина на земја и јаглен. Калоричната вредност на оваа мешавина е една третина од нормалниот јаглен што значи дека на депонијата има еквивалент на 30.000 тони јаглен. Тоа е доволно за работа за неколку дена со силна поддршка на согорување со мазут. Само за споредба кога ВМРО-ДПМНЕ управуваше со ова претпријатие количините на јаглен на депонијата биле околу 400.000 тони. Проблемите во РЕК не се само со немањето на јаглен или неговата слаба калорична вредност, туку и технички. Имено сериозни се проблемите на филтрите на блоковите, а посебно на блок 2 кој е целосно запоставен во одржувањето. Затрупани се зоните во филтерот со пепел и земја. Ваквиот аматеризам при работата со РЕК Битола е причина за енормното загадување деновиве од оваа енергетска постројка, кое е пропратено со густ жолто-кафеав чад што е мешавина од пепел и земја. Од реалниот приказ на ситуацијата може да се заклучи дека владата не е ниту одблизу подготвена за да се справи со енергетската криза. Наместо мерки за справување со кризата, сведоци сме дека има вишоци на енергија кои ЕЛЕМ ги продава на слободниот пазар наместо по пазарна цена по пониски цени, а преку тоа остварува профит некој снабдувач или фирма. За жал сето тоа врз грбот на народот. Прогласувањето на сегашната кризна состојба во енергетиката е токму поради тоа и е параван за да нема одговорност за нивната неспособност да ги произведат потребните количини на електрична енергија. Државата ќе треба да потроши многу пари за скап увоз. Затоа е потребен отчет и одговорност за потрошените 200 милиони евра минатата зима, токму како што бара ВМРО-ДПМНЕ, истакна Митева.

-Ако се има предвид сето ова наредната зима со постоечките берзански цени ќе ни фали електрична енергија од најмалку 200 милиони евра, а ако го следиме трендот на цените на западноевропските берзи, сумата која ќе биде потребна за да се преживее зимата ќе надмине една милијарда евра. Сето ова ќе влијае на дополнителното зголемување на цената на струјата, сиромаштија за народот, и ставање на клуч на врата за фирмите. Затоа итно е потребно владата да ги спроведе мерките кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, за да се обезбеди енергетска стабилност и економска предвидливост, додаде таа.