Дуото Ковачевски, Васко и Димитар Ковачевски ја донесе Македонија во состојба на недостаток на струја, и несигурност дали фирмите ќе може да ја платат струјата без да отпуштаат работници. Договорот за снабдување со струја од Бугарија, во количина од околу 5 гигавати дневно, по цена која циркулира во јавноста од 400 евра по мегават час, ќе ја чини Македонија, односно македонските фирми 2 милиони евра секој ден, посочува Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Оваа струја доколку се произведеше во Македонија, доколку работеше РЕК Битола и Осломеј со полн капацитет, ќе чинеше не повеќе од 60 евра по мегават час, а во ТЕЦ Неготоно не повеќе од 170 евра по мегават час. Односно струјата која што Македонија ќе ја купува од Бугарија е за од 3 до 6 пати повисока цена. За период од 180 дена, колку што ќе трае договорот за увоз, кон Бугарија ќе бидат исплатени над 360 милиони евра. Струјата од 200 мегавати на час, е струја која може да се обезбеди од третиот блок во РЕК Битола, доколку власта обезбедеше јаглен и го оспособеше истиот. Тогаш наместо 2 милиона евра дневно за струја, ќе се трошеа не повеќе од 350 илјади евра. А за целиот период наместо 360 милиони евра, македонските фирми за струја ќе потрошеа не повеќе од 60 милиони евра, вели таа.
Митева посочува дека истата струја од Бугарија, можеше да се супституира со вклучување на втората турбина во ТЕЦ Неготино, доколку се обезбедеше за неа навремено мазут, со што ќе се добиеја 110 мегавати, а за дополнителните 90 мегавати ќе можеше да се надоместат од ТЕ-ТО, доколку исто така навреме се снабдеше државата со гас по нормална цена.
-Во овој случај доколку бизнисот се снабдуваше со овие 200 мегавати на час наместо од Бугарија, од ТЕЦ Неготино и ТЕ-ТО, струја ќе го чинеше бизнисот 1 милион евра дневно, наместо 2 милиони евра како што е најавата за сега. Фирмите немаше да плаќаат скапа струја, доколку претходно владата не се трудеше да става провизии на увозот на јаглен и мазут и навремено се снабдеше. Струјата ќе беше поефтина и доколку владата навремено преговараше за закуп на дел од производството, како што сега го прави во Бугарија во истата или во некоја друга држава, но тоа да го направеше пред половина година, а не како сега во 12:05. Ако е ова планот на Ковачевски за справување на енергетската криза тогаш Ковачевски немојте да правите повеќе планови, заради вашите планови сега илјадници фирми ќе бидат пред затворање, посочи таа.