Портпаролката на Владата Марија Митева информираше за постигнатиот резултат од мерките насочени за заштита на стандардот на граѓаните и стабилизирање на пазарот на енергенси, односно за намалувањето на цената на течниот нафтен гас.

– Од полноќ, „Макпетрол“ ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас, односно плин за 5 денари по литар, од 59 на 54 денари. Во трговијата на големо е евидентирано намалување од 10 денари по килограм, што во пресметка значи приближно 5 денари по литар – рече Митева.

И останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар и се движат од 53 до 54 денари.

– Сакам јасно да потенцирам дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10% во трговијата на големо и за 9 до 10% во малопродажба ќе имаме намалување – рече Митева.

Таа објасни дека мерката е преземена врз основа на детална анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, дека биле детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следувале разговори со трговците и постигнување договор за намалување на бруто маржите.

Портпаролката изрази благодарност за општествената одговорност којашто е покажана.

– Ќе продолжиме со истиот пристап, со анализа, со дијалог и со конкретни резултати. Пазарот мора да функционира, но мора да биде и праведен. А интересот на граѓаните ќе остане наш врвен приоритет – рече Митева.