Во Извештајот на невладината организација „Фридом Хаус“ со наслов „Земји во транзиција – од слабеење на демократијата до авторитарна агресија“, Македонија е дефинирана како хибриден режим. Македонија бележи континуиран демократски пад со власта предводена од СДСМ, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочува дека во извештајот институциите се оценети како дисфункционални, дека не се во состојба да испорачаат компоненти на демократија, а особено во делот на проверки и баланс, владеење на правото и силна заштита на правата и слободите на сите граѓаните.
-Дополнително, „Фридом Хаус“ потенцира дека како држава сме заглавени во категоријата – хибриден режим. Оценката за демократија е непроменета во однос на претходната година – 3,82, или 47%. Македонија бележи постојан пад, а вкупната оценка се намали од 3,93 во 2015-тата на 3,75. По области, Македонија има најниска оценка за корупција што е уште еден показател за високата корупција која владее во државата наспроти владеењето на правото и демократијата. Македонија е повторно во групата со највисока перцепција за корупција во Европа, вели Митева.
Нагласува дека хибридниот режим на СДСМ ја држи Македонија во групата на најкорумпирани држави во Европа.
-За оваа состојба во која се наоѓа Македонија, за хибридниот режим кој ја уништи правдата преку инсталирање корупција во секоја сфера од општеството одговорноста лежи во СДСМ. На овој Извештај му соодвествуваат фактите дека Македонија е заробена држава, затоа да потсетиме на пасошите за светските криминалци, да потсетиме дека МВР нема ниту една акција за сузбивање на криминалот, да потсетиме дека системот функционира врз принципот на мито и корупција и дека правдата е селективна, а не еднаква за сите граѓани. Оваа влада на СДСМ го развива криминалот наместо да се бори против него веќе години наназад. Но нашата борба против корупцијата мора да се забрза, владеењето на правото мора да се почитува ако сакаме да запреме со уништувањето на демократијата, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.