Владата од наследените осум активни арбитражни постапки, со одговорен и ефикасен однос успешно заврши три во полза на Македонија со што е направена заштеда на буџетот од 516 милиони евра, информираше денеска владината портпаролка Марија Митева.
Покрај за добиениот арбитражен спор со дел од инвеститорите од рудникот „Казандол“ во Валандово со што се заштедени 115 милони евра, за кој Владата соопшти вчера, Митева на прес-конференција посочи дека добиени се и постапките „Саса“ со вредност од 445 милиони и „Гама“ против Македонија од над пет милиони евра.
– Кога сме кај лажните обвинувања од СДСМ дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена кога тие беа во Владата тогаш очекуваме одговор зошто во првата половина од април 2023 година во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол, помеѓу претставници од Владата и на тужителите, за што потврда е дека оваа Влада има донесено одлука со што ја има одбиено предложената спогодба, рече Митева.
Покрај осумте наследени арбитражни постапки, од кои три се инвестициски, а пет трговски спорови, Митева посочи дека Владата наследила и најава за опомена на тужби за најмалку уште четири, а вкупната потенцијална штета изнесувала 865 милиони евра.
– Овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада, која со свооите постапки ги доведе во ризик Буџетот на државата и меѓународниот углед, рече Митева.