МОН потрошило над половина милион евра за печатење на скрипти за еднократна употреба, пари од Светска банка, за да ја покрие својата неспособност, навремено да испечати учебници за основците, истакна на денешната прес–конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Митева:

-Од документот на Светска банка се гледа дека над половина милион евра пари се употребени за печатење на скрипти за еднократна употреба.

Иако Министерството за образование има пари во буџетот кои се предвидени за печатење на учебници за подолг временски период и кои треба да опслужуваат повеќе генерации, сепак и оваа година владата на СДС задоцни со печатење на учебниците и беше ставен под знак прашалник почетокот на учебната година.

За да не излезе на виделина неспособноста на власта, која не успеала навреме да испечати учебници со средствата кои патем се предвидени во буџетот, тие користат средствата од проектот на Светска банка за Унапредување на основното образование, и трошат над половина милион евра за печатење на скрипти од 100тина страници за еднократна употреба од неколку месеци.

Ова се пари кои немало да бидат потрошени, доколку власта навреме извршила подготовка и печатење на учебниците за кои веќе има предвидено пари во буџетот.

Исто така, минатата година оваа фирма ТРИМАКС ДОО Скопје доби исто така половина милион евра за изработка на фамозните дигитални учебници, исто пари од проектот на Светска банка, кои патем годинава се неупотребливи. Ова се пари кои се дадени за изработка, печатење и дистрибуција на учебен материјал кој никогаш никој не го користел. За ова мора да има одговорност.

Овие над половина милион евра можеле да се искористат за подготовка, печатење и дистрибуција на друг учебен материјал или помагала, кои ќе служеле за повеќе генерации. Власта не се однесува домаќински и грижливо ниту со парите на македонските граѓани кои патем доаѓаат преку буџетот, ниту со парите кои ги добиваат како помош, или грант или проект од странски организации како што е и случајот со парите од Светската банка.Одговорност за доцнењето со печатењето на учебниците, мора да има. Доколку власта навреме си ја вршеше работата над половина милион евра, пари од Светската банка ќе можеа да се наменат на долгорочен развој на образованието, посочи Митева.