Во втората епоха потребно е да направиме општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да допреме до секоја индивидуа и да подадеме рака во насока на преродба на државата, обнова и промени во државата кои ќе ја донесат новата иднина. Во центарот на оваа втора епоха се слободата на индивидуата и слободна волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата. Заедничкиот патриотизам значи борба против корупцијата. Граѓаните не смеат да чекаат и да плаќаат мито за услуги кои со закон ги следуваат. Борбата против корупцијата мора да биде реална и да даде резултати. Земјата мора да биде во првите 50 држави што се борат против корупција на листата на Транспаренси, а не како сега на 111 место, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Посочи дека заеднички патриотизам е да се градат патишта истовремено и во Дебар и во Демир Капија, да се градат градинки и во Арачиново и во Гевгелија.
Според Митева заеднички патриотизам е да има раст на економијата, на тоа се обврзуваат, раст и до 6% на економијата по стабилизирање на истата, а тоа ќе го постигнат и со намалување на даноците на добивка и персоналниот данок на доход на 8%, но и со 0% данок за младите.
-За да имаме квалитетна иднина мора да имаме и квалитетно образование. Се обврзуваме еден универзитет од Македонија да се најде на листата на првите 500 универзитети на Шангајската листа. Подоброто образование ќе значи и нови иновации и одржливи решенија за напредок на државата. Сето ова мора да биде пропратено со имплементирање на новите технологии, како регулирање на пазарот со криптовалути и трговијата со примена на блокчејн технологија.
На Македонија и треба нов договор, кој ќе значи нова надеж. Да ја вратиме надежта и енергијата која била присутна при формирање на државата кај граѓаните, кои не се одразија во реалноста и заради што државата тапкаше во место. Време е Македонија во догледно време да има стандард како една Австрија, да биде дел од ЕУ и да има прогрес на секое поле.
Со овој заеднички патриотизам, го отвораме дијалогот со сите општествени чинители и повикуваме на одговорност кога секој од нас ќе одлучи да работи напорно за да ја постигнеме целта, Македонија напредна, Македонија со суштински промени во начинот на размислување и на дејствување, вели Митева.