Најпрво дозволете од името на ВМРО-ДПМНЕ да изразам огромна благодарност до сите граѓани кои со учеството на локалните избори го остварија своето демократко право, а со нивниот глас ја изразија својата волја. Воедно целосно го цениме и правото на граѓаните кои не излегоа да гласаат. Ние ќе продолжиме да настапуваме во интерес на сите граѓани на државата, изјави Марија Митева на првата прес конференција по затварање на гласачките кутии.
Одговорот на црната кампања на власта беше зголемена излезност. Тажен ден за недемократската власт на Заев, силен ден за волјата на народот кој се одлучи за промени и нова иднина. Власта на Зоран Заев во полно светло го покажа своето недемократско лице. Видовме како изгледа власт која паѓа, власт која ги злоупотребува сите државни полуги само за да ги задржи привилегиите кои таа ги овозможува. Ваква брутална, несмасна и масовна злоупотреба на државни ресурси за партиски цели досега е незапамтена. Од една страна власта која е во паника, од друга страна народот и неговата слободна волја, изјави Митева.
Изборниот процес помина со низа нерегуларности, нарушување на изборниот процес и истите беа доказ за начинот на кој СДСМ е спремна да ја зачува власта по секоја цена, иако не е тоа волјата на народот. Во вчерашниот ден, во изборниот молк беше евидентирано ширење на пропаганда од партиски функционери на СДСМ, поткуп на гласачи и други прекршувања на Изборниот законик кои инаку се строго забранети. Имаме информации за поткуп и притисоци во Кочани, Радовиш, Ново Село, М.Каменица, Ѓорче Петров и во други делови од Скопје. Дополнително, беше објавено дека во текот на вчерашниот ден новинарска екипа беше нападната, а денес, во текот на изборниот ден новинарска екипа беше спречена да присуствува и информира на избирачко место. Штотуку пристигнаа информации и за физички напад во село Бојане врз набљудувач од невладина организација, изјави Митева.
Како политичка партија сме згорозени од недемократското однесување на власта, но со сигурност можам да кажам дека за ова и за сите останати дејства кои се спротивни на изборниот закон ќе ги искористиме сите правни дејства кои ни стојат на располагање и за истото ги информиравме сите меѓународни институции. Но она што е најважно, граѓаните ја препознаа надежта и со зголемената излезност го дадоа својот одговор на сето ова, вели таа.
Веруваме во победа. Граѓаните се одлучни.Зад параванот стравот се претвори во храброст на граѓаните да одберат промени, да донесат одлука за проекти и за победи. За подобра и поубава иднина која ќе биде подеднаква за сите. Зоран Заев ќе ги слушне приоритетите на граѓаните од гласачките места. Во овој момент се уште е рано да објавуваме било какви резултати, но со сигурност резултатите ќе бидат поволни за сите нас. Народот ќе победи, народот ќе ја победи оваа ненародна власт секаде и новата иднина доаѓа, изјави Митева