Митева: Усвоена е програмата за работа на Владата за 2026 година

Влада на Република Северна Македонија ја усвои Програмата за работа на Владата за 2026 година, која претставува стратешки, сеопфатен и реформски документ од над 400 страници, со јасно дефинирани приоритети, динамика и визија за развојот на државата во наредниот период. Ова на прес-конференција го соопшти владината портпаролка Марија Митева.

Како што посочи Митева, Програмата е структуирана по области кои ги опфаќаат надлежностите и на законодавната и на извршната власт и претставува јасна мапа за реформите што следуваат, со директно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите и европската перспектива на државата.

Фокус на здравство, образование и законодавни реформи

Во делот што се однесува на законодавната власт, односно на надлежностите на Собрание на Република Северна Македонија, фокусот е ставен на секторите каде што државата има најголема одговорност – здравството и образованието. Предвидено е носење нови и современи системски закони за високото и средното образование, научно-истражувачката дејност и педагошката служба, како и унапредување на статусот и професионалниот развој на наставниот кадар.

Паралелно, Владата ја засилува дигиталната трансформација преку подготовка на нов Закон за електронска фактура, со кој дигитализацијата на даночните процедури станува еден од клучните столбови на даночната реформа, со цел поголема ефикасност, транспарентност и намален административен товар за граѓаните и компаниите.

Реформи во правосудството, администрацијата и економијата

Реформата на правосудството останува висок приоритет, при што во надлежност на Министерството за правда се предвидени измени на Изборниот законик со целосно инкорпорирање на препораките од меѓународните мисии, како сигнал за посветеност кон демократските стандарди, фер изборите и владеењето на правото.

Особено значаен сегмент е реформата на јавната администрација, со системски закони за висока раководна служба, унапредување на квалитетот во јавниот сектор и воспоставување единствен систем на плати во јавната администрација, како решение за долгогодишниот проблем со фрагментирано и неусогласено уредување на платите.

Во вториот дел од Програмата, кој се однесува на актите и материјалите по кои одлучува Владата, се предвидени програми насочени кон подобрување на животниот стандард во областа на животната средина, здравството, безбедноста, образованието и социјалната заштита. За 2026 година е планиран и Оперативен план за активни мерки за вработување, усогласен со реалните потреби на пазарот на трудот, како и активности за национално брендирање на туризмот, економијата и државата.

Во здравството, најавена е подготовка на Стратегија за млади лекари 2026–2030, а за првпат ќе се воспостави и Центар за дигитални вештини во јавната администрација, како клучен инструмент за долгорочната дигитална трансформација на државата.