Целото обраќање на Митрески во продолжение:
Христо Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива“ – со овие зборови Италијанецот Еторе Лоди ја опиша глетката од саможртвата на овие херои кои ги животите ги положија за Македонија.
На овој 24 април не се сеќаваме само на годишнината од загинувањето на војводата Христо Узунов, туку се сеќаваме на саможртвата која ја даде македонскиот народ за остварување на својот вековен сон за слободна и независна држава.
Но, патот до слободата не е лесен, ниту едноставен, тој е мачен и трнлив, а во тие тешки мигови во кои се наоѓаше Македонија токму македонската интелигенција се одважи да го поведе македонскиот народ по тој пат. Знаејќи дека нема ништо повредно од слободата, тие се ставија во служба на својата татковина, а еден од нив беше и учителот и војвода Христо Узунов.
Привлечен од идеите и стремежот на Македонската револуционерна организација, Узунов не размислуваше премногу и веднаш се приклучи да го организира и ослободи сопствениот народ. Единствена водилка му беше слободата на Македонија и затоа и на својата родена мајка и напиша дека маките на татковината се поголеми од сите страданија на секоја наша мајка и дека не може да не се оддаде на нејзиното свето дело.
Прогонуван и затворан, Узунов истрајуваше, не се откажуваше и ништо не го поколеба. Учествуваше во организација на Илинденското востание, а благодарение на него и неговите записи, ние денеска имаме толку многу информации и сеќавања за еден од најважните настани во македонската историја.
Крајот на востанието не го демотивира, напротив тој со истиот жар и понатаму продолжи да се бори за идејата за слобода. Се до тој кобен 24 април 1905 година.
Но, како што и самиот ќе рече „Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата Организација“, така и бидна. Идеите кои ги започнаа храбрите илинденци продолжија да го водат македонскиот народ низ годините се до реализација на вековниот сон за слобода и сопствена и независна држава.
Ако ги немавме нив, немаше да го имаме 11 Октомври 1941 година, а немаше да го имаме ни 8 Септември 1991 година.
Токму затоа денеска наша должност и обврска е да ги негуваме тие идеи и да се бориме за нив. Сега кога македонскиот идентитет и историја се нападнати и од надвор, но и одвнатре мораме да продолжиме да се бориме, да се спротивставиме на неправдите и да ги зачуваме македонските вредности. Тоа им го должиме на хероите како Узунов кои ги положија своите животи, тоа им го должиме на идните генерации, а тоа и го должиме и на Македонија, затоа што како што дрво без корен се суши, така и народ без минато нема иднина.