Владата засега останува на проектираните 3,5 проценти

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата во овој момент нема планови да го зголеми буџетскиот дефицит, и покрај мерките што се преземаат за ублажување на економските последици од кризата. Сепак, нагласи дека состојбата внимателно ќе се следи и дека одлуките ќе зависат од текот на кризата и приходите во Буџетот.

„Буџетскиот дефицит во моментот е проектиран на 3,5 проценти проценти. Дали ќе го прошириме ќе зависи од тоа како оваа криза понатаму ќе се одвива и какви ќе бидат приходите во Буџетот. Сега од оваа перспектива, ако ме прашате, не планираме, бидејќи во првиот квартал од годинава приходите се во рамките на планираните. Но, како ќе биде сега во вториот квартал не знам, бидејќи треба да видиме како ќе се одвива кризата. Претпоставуваме, креираме сценарија и врз основа на тие сценарија ќе дејствуваме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Можно мало зголемување ако има потреба

Премиерот посочи дека, доколку се појави потреба, дефицитот може да се зголеми, но во ограничен обем.

„Ние како Влада почнавме со консолидирање на буџетскиот дефицит од нешто над 4,5 проценти и сега дојдовме до 3,5 проценти од БДП. Како ќе биде понатаму, ќе повторам, не знам. Зависи од целокупната состојба глобално. Можеби ќе треба да се зголеми малку буџетскиот дефицит за 0,2 или 0,3 проценти, а можеби и ќе нема потреба. Ако кај нас се тргнат од буџетскиот дефицит трошоците за камати, тогаш ние имаме навистина една стабилна ситуација и тоа наскоро ќе биде, претпоставувам, интересна вест за за медиумите. Можеби ќе бидеме единствената држава во регионот со стабилни изгледи на економијата, за разлика од други економии кои што дел од агенциите веќе им предвидуваат негативни негативен тренд“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека нема планови за нови задолжувања во овој момент, но дека сите опции остануваат отворени.

„Ќе се донесе одлука која што ќе биде најдобра, како и до сега. Нема да донесеме одлука која што ќе биде погрешна, така што апсолутно да бидете сигурни дека сите опции се разгледуваат“, рече Мицкоски.

Опции за финансирање ако се појави потреба

Премиерот не ја исклучи можноста за задолжување, доколку тоа стане неопходно, посочувајќи дека постојат повеќе извори на финансирање.

„И меѓународни банки се опција. Опција се и друг тип на заеми. Се она кое што нам ќе ни овозможи најдобри услови е опција. Дали ќе биде ова или она, не можам да кажам. Портфолиото е мешано, ќе зависи од условите на пазарот, а секако дека ќе ги земеме најевтино. Ако се прошири буџетскиот дефицит тогаш да ќе бараме пари за да го покриеме. Во разговори сме со македонските банки, но и во разговори со нашите партнери на меѓународната заедница, ние имаме опции од каде да ги обезбедиме тие пари и под поволни услови, Затоа неслучајно го кажав тоа дека некои држави во регионот веќе имаат негативни изгледи во нивниот кредитен рејтинг од страна на некои од агенциите, додека кај нас е стабилен или позитивен, во зависност со која агенција го дава кредитниот рејтинг. Е сега, верувале или не, оваа Влада во овие две години успеа да ги консолидира работите и од држава која што коленичеше станува фактор на стабилност и така ќе продолжиме како Влада да се однесуваме“, рече Мицкоски.