Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека не бил статист и не правел селфија во Давос, каде што минатата недела учествуваше на Светскиот економски форум, како што тврдеа патолошките лажговци од СДС, кои последниот месец само тоа и го прават. Тој детално кажа со кого сѐ учествувал на трите панели и со кои луѓе седел на иста маса за време на свечената вечера на која што бил поканет, што СДС и не можеа да го знаат затоа што не беа таму, а и кога беа нивни претставници, беа подолу од статисти. Панели за продажба вреќи ајвар на Давос нема, ниту за тоа како да ја ограбиш сопствената земја за да добиеш златна виза во Дубаи. Веројатно, поведени од тоа нивно горко искуство, лажеа и го тврдеа истото за сегашниот премиер.

Мицкоски, исто така, престојот во Давос го оцени како историски и најави дека од наредната година во делегацијата ќе вклучи и македонски бизнисмени, а како резултат на престојот на престижниот настан има намера да покрене поширока регионална иницијатива за привлекување на инвестиции во енергетиката, која што е клучна за развојот на вештачката интелигенција.

„Може да кажам дека историски беше успешно, бидејќи како претседател на Владата бев учесник на три панели со луѓе од врвот на светскиот бизнис, генерално мултинационални компании чија што вредност често се мери и во илјадници милијарди долари“, рече Мицкоски, за време на неговата посета во Општина Гази Баба на отпочнувањето на градежни активности во Триангла и Железара, одговарајќи на прашање на новинарите за тоа како помина Македонија на Светскиот економски форум во Давос, какви инвестиции или договори произлегоа од средбите, со кои инвеститори се сретнал и има ли некоја временска рамка за проектите што треба да се реализираат.

Мицкоски рече дека на свечената вечера каде што бил поканет и дел од 500-600 гости, со него на маса биле главниот извршен директор на „Гленкор“, потоа Џо Донован којшто бил поранешен главен извршен директор на „АТиТ“, најголемата американска телекомуникациска компанија, а сега член на бордот на директори на „Локид Мартин“, потоа Хаурд Лутник, американскиот секретар за економија, а лево од него бил австрискиот канцелар Кристијан Штокер, директорката на Интерпол и тн.

„Јас не бев статист таму или по ходници да барам селфи со учесниците на Давос, туку бев активен учесник на три панели и штета што не можеме да ги објавиме моите говори, но сите беа проследени со аплауз од страна на присутните“, истакна Мицкоски.

На еден од панелите, како што посочи, до него бил главниот извршен директор на АЕС, најголемата офшор американска компанија, a лево од него бил државниот секретар на САД за енергија Крис Рајт, до кого бил главниот извршен директор на Светската енергетска агенција, потоа главната извршна директорка на „Арамко“, најголемата компанија од Саудиска Арабија за извоз на нафта и нафтени деривати и енергија и енергенси и тн…

Мицкоски исто така детално зборуваше и за сознанијата до кои дошол на форумот, односно дека светот во годините кои што следат ги детерминира приоритетите, а тие се вештачката интелигенција, како и  дека секое општество кое што тоа нема да го препознае ќе биде осудено на пропаст. А, за да функционира вештачката интелигенција потребна е дигитална демократија, дигитално општество и дата центри со робусни, моќни компјутери кои што изобилуваат со институционална меморија и искуство и ќе овозможат таа вештачка интелигенција да работи и да функционира во зависност од потребите на тој кој што ја користи.

„За да имаме добро и стабилно работење на тие дата центри на дигиталното општество за кое што зборувам, потребно е стабилно снабдување на електрична енергија, што значи нови производни капацитети на електрична енергија“, рече Мицкоски.

Притоа, како што додаде, од разговорот со главниот извршен директор на Светската агенција за енергетика, Фати Бирол, дознал дека во следниве десет години потребна е изградба на фантастични 40 илјади теравати нови производни капацитети за производство на електрична енергија, односно отприлика колку што денеска заедно имаат САД, Канада, ЕУ и Јапонија.

„Замислете ние како регион, за што мислам да покренам и регионална иницијатива, да привлечеме 0,01 отсто од оваа бројка. Тоа значи дека во следните десет години како регион на Западен Балкан, ако еден инсталиран мегават чини меѓу милион до два милиони евра, ќе значи 4 илјади милијарди инвестициска активност. Или, секоја година 400 милијарди евра можност. Дали ние тоа ќе го препознаеме и ќе ги привлечеме како регион или ќе отидат на друго место, тоа ќе се случи, бидејќи човештвото оди во таа насока“, истакна Мицкоски.

Тој направи паралела со економската моќ на земјите од регионот, при што посочи дека Србија, БиХ, Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора заедно имаат нешто над 200 милијарди долари номинален бруто домашен производ.

„Така се трансформираат општествата. И затоа како приоритет ги ставив проектите Чебрен, Галиште и Бошков Мост коишто се само 2 милијарди, во донос на 400 милијарди кои што ни стојат како можност секоја година. Кога зборувам две милијарди, зборувам за период од 7 до 10 години колку што треба овие капацитети да се изградат“, додаде Мицкоски.

Тој нагласи дека кога добро ќе се изанализираат податоците ќе се види дека како регион немаме ниту човечки ниту институционален капацитет да се привлечат 0,01 процент. Затоа, тој има намера иницијативата да ја прошири со Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија, Турција кои сите заедно имаат некаде околу 2,5 илјади милијарди номинален БДП, што и натаму е помалку од четирите илјади милијарди кои што се 0,01 процент од она што ќе му треба на човештвото во следните десет години.

Одговарајќи како ги коментира обвинувањата од опозицијата дека земјата е дипломатски изолирана, Мицкоски рече дека граѓаните гледаат и кажуваат на избори, како и дека „времето на дипломатијата на свиткана кичма и снисходливост на црвените дебели ќилими“, завршило.

„Сега е дипломатија која што носи реални резултати и која што се бори и ги чува македонските национални интереси“, рече Мицкоски, додавајќи дека имал средби, а ќе има и на претстојната Минхенска безбедносна конференција уште такви средби.

Извор: Курир