Владата реагира на растот на цените на светските берзи
По одржаната вонредна владина седница, премиерот Христијан Мицкоски информираше за пакет мерки со кои ќе се ублажи најавениот раст на цените на горивата, предизвикан од глобалните случувања.
„Се соочуваме со предизвик што навистина е голем. Не сме ние исклучок од кризата што се случува која е наметната поради настаните и воените конфликти на Блискиот Исток“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека според анализите, се очекува значително зголемување на цените.
„Очекуваме цената на бензините од 86,5 и 88,5 денари да се зголеми на 93 и 95 денари, а дизелот од 92 на 102,5 денари по литар“, посочи Мицкоски.
Намалување на ДДВ и разговори со ОКТА
Како одговор, Владата донела одлука за намалување на данокот на додадена вредност за бензините и дизелот од 18 на 10 проценти, со цел да се ублажи ценовниот притисок.
„Со оваа мерка очекуваме цената на бензините да остане речиси непроменета, додека дизелот да поскапи за околу 3 до 3,5 денари по литар, наместо за повеќе од 10 денари“, истакна премиерот.
Дополнително, се водат разговори со компанијата ОКТА за зголемување на попустот кон трговците.
„Доколку се постигне договор, очекуваме цените да бидат и до 3 денари пониски од максималните утврдени од Регулаторната комисија“, рече Мицкоски.
Заштеда за граѓаните и регионални цени
Премиерот нагласи дека со овие мерки граѓаните ќе остварат значителни заштеди.
„Ова е одлука со која директно го штитиме стандардот на граѓаните во услови на глобална енергетска криза“, додаде Мицкоски.
Според проценките, заштедата би изнесувала околу 200.000 евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно, во зависност од потрошувачката.
Тој посочи и дека Македонија и понатаму има најниски цени на горивата во регионот.