Премиерот по повод Денот на Републиката истакна дека треба да го славиме достоинствено и да оставиме среќна држава

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод Денот на Републиката и порача дека овој празник треба да нѐ обединува и да се слави достоинствено. Тој говореше од центарот на главниот град, по повод 2 Август – Илинден.

„Дозволете ми да од центарот на нашиот главен град Скопје да го честитам големиот празник Илинден. Овој ден нека нѐ потсетува на жртвата која што генерациите ја оставиле за да може нашата генерација да го има ова што денеска го имаме, а тоа е слободна, независна држава Македонија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски додаде дека таа жртва треба да биде потсетник за тоа каква држава треба да се остави на идните генерации.

„Држава во која што ќе имаме среќни граѓани, држава којашто ќе биде просперитетна, држава којашто ќе биде на сите без разлика на етничка припадност. Овој ден нека нѐ обединува, да се слави и нека ни е вековит денот, да го чествуваме достоинствено и напомош нека ни е Свети Илија“, нагласи премиерот.