Премиерот Христијан Мицкоски вели дека прв пат се согласува со претседателот на СДСМ Венко Филипче дека не се исти и оти тој никогаш не би сакал да биде ист со куклата на луѓето кои, како што рече, ја уништиле и ограбиле Македонија.
– Јас можам прв пат да се согласам со претседателот на СДСМ дека не сме исти. Јас никогаш не би сакал да бидам ист со куклата на луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија. Ниту во најлошиот сон не би сакал тоа да бидам. Така што еве прв пат можам да се согласам дека не сме исти. И точно, граѓаните можат да направат разлика меѓу ова раководство на СДСМ кое што го води куклата на оние кои што ја уништија и ограбија Македонија и Владата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата дадена од претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче дека не се исти.
Во врска со изјавите на раководството на СДСМ дека не сакаат да бидат алиби за предвремени избори Мицкоски истакна дека опозицијата не знае што сака и постојано тактизира.
– Го знаете нашиот став и ставот на Владата, а тој е дека нејзиниот мандат е четири години години. Од она што можам да го видам опозицијата бледо тактизира кога станува збор за предвремени избори или за меѓуизбори. Но, тоа е што е. Нашиот мандат како Влада е четири години и наш приоритет се граѓаните, интересот на граѓаните и проектите и реформите коишто треба да ги испорачаме и коишто граѓаните ги очекуваат од Владата и она што го испорачуваме во изминативе 25-26 месеци откако оваа Влада е избрана, рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по увидот во реализираните инвестиции и модернизацијата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР)
