ДУИ ако не е на власт веднаш зборува за етничка поларизација, но Мицкоски истакнува дека бројките покажуваат друга слика
ДУИ ако не е на власт веднаш зборува за етничка поларизација. Но таа теза е погрешна, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“. Тој на почетокот ги отфрли сите обвинувања за етничка нееднаквост од страна на ДУИ. Нагласи дека партијата претставува криминал, неспособност и корупција.
„Нивната улога во Владата значи многу криминал, многу неработа, многу неспособност, многу корупција, и сега тие ставаат знак на еднаквост помеѓу сите овие епитети коишто го има нивното учество во Владата и етничката поларизација. ДУИ ако не е на власт, тогаш тоа според нив е етничка поларизација, мислам дека таа теза им е погрешна. Еве на пример да речеме ако ги гледаме бројките ќе го споменам Кичево. Кичево градоначалник е Фатмир Дехари од ДУИ, во првиот повик скоро 56 милиони денари, проекти финансирани од оваа Влада, во вториот повик скоро 330 милиони денари, или вкупно 385 милиони денари за 16 проекти, тоа е повеќе од 6 милиони евра. Струга на пример, градоначалник е од ДУИ господинот Рамиз Мерко којшто е на листата на санкции на САД, во првиот повик има еден проект којшто е околу 135 милиони денари, вториот повик има 5 проекти вредни 307 милиони денари или вкупно 443 милиони денари. Сарај, во вториот повик имаме 5 проекти од близу 320 милиони денари, коишто оваа Влада ги обезбедила за општина во којашто градоначалник е од редовите на ДУИ“, објасни Мицкоски.
Тој направи споредба со периодот на владеење на СДС и ДУИ. Рече дека не финансирале ниту еден проект во општини со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку одиме назад и доколку ги анализираме првите три години на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ дали некој од нив ќе се сети на проект којшто е финансиран од владата на СДС и ДУИ, одговорот е ни еден. Повеќе од 40 општини не добија буквално ниту еден проект којшто го финансираше таа влада. Јас навистина ги отфрлам како неконструктивни и пораки коишто припаѓаат на минатиот век. Жал ми е што нереформираното, криминално и коруптивно ДУИ сè уште живее во тие години и мисли дека со такви пораки ќе придобие симпатии. Мислат дека ако се радикализираат ќе имаат резултат, но грешат и тоа ќе го видат на локалните избори што се за помалку од два месеци“, рече Мицкоски.