Владата со мерки за заштита од ценовни шокови

По донесените мерки на вонредната владина седница, премиерот Христијан Мицкоски порача дека состојбата во енергетскиот сектор е стабилна, додека институциите ќе интервенираат за да спречат дополнителен притисок врз цените.

„Дозволете ми исто така да ве информирам дека електро енергетскиот сектор е стабилен. Во функција се блоковите во термоелектраната Битола 1 и 3. На депонија во Битола имаме околу 80 илјади тони јаглен, во Кичево 160 илјади тони, акумулациите се на ниво од 40% или тоа би било доволно за се да престане тие само да работат за отприлика месец дена да имаме доволно електрична енергија, но нормално се останато си функционира нормално така што електро енергетскиот систем е апсолутно стабилен“, изјави Мицкоски.

Интервенција со мазут за стабилност на цените

Премиерот посочи дека најголем предизвик во моментов е цената на мазутот, поради што се разгледуваат конкретни чекори.

„Единствен предизвик претставува цената на мазутот, бидејќи таа е поврзана со онаа цена којашто ја определува РКЕ па оттука на следната редовна седница во вторник размислуваме да донесеме одлука со којашто државата ќе интервенира кон ЕСМ со одредена количина на мазут отприлика 2.000 тони со што нема да дозволиме да се зголемат трошоците на компанијата имајќи предвид поволната хидролошка состојба и консолидирањето на рудниците конечно можеме да кажеме дека во А.Д. ЕСМ состојбата е нормализирана и е стабилна, и не сакаме да дозволиме со овие повисоки цени на мазутот да дојде до дизбаланс на финансиското портфолио на компанијата. Тие знаете дека вршат регулирана дејност, потоа тоа го пријавуваат во РКЕ и врз основа на тоа и врз основа на трошоците се зголемува цената на домаќинствата електричната енергија, со оваа интервенција ние очекуваме таа цена да не биде зголемена, односно да влијаеме повторно позитивно и да го одржиме стандардот на граѓаните, а со тоа да овозможиме рекордно ниско ниво споредено со другите држави во Европа на инфлација, односно на зголемување на трошоците за живот.“

Апел за одговорност и најавени контроли

Мицкоски нагласи дека Владата нема да дозволи дополнителен товар врз граѓаните и економијата.

„Во услови на глобална криза, државата не смее да биде дополнителен товар. Со овие мерки, Владата директно им излегува во пресрет на граѓаните и бизнисите кои веќе го чувствуваат притисокот.“

Тој додаде дека одлуките се донесени врз основа на реалните потреби.

„Овие одлуки се директен одговор на барањата и реалните потреби на граѓаните и компаниите.“

Премиерот потенцира дека намалувањето на даноците има директен ефект врз цените.

„Намалувањето на даноците значи веднаш пониски цени на горивата. Тоа е најбрзиот начин да се ублажи ударот и да се спречи ширење на поскапувањата низ целата економија и да се заштеди паричникот на граѓаните.“

Тој истакна дека мерките имаат пошироко влијание врз економијата.

„Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања. Со стабилизирање на цената на горивата, се штитат и цените на храната, транспортот и услугите.“

Воедно, Владата испрати порака до стопанството за одговорно однесување.

„Воедно, сакам да потенцирам дека Владата јасно повикува на одговорен однос од трговците и производителите. Во време на криза, никој нема право да гради профит на грбот на граѓаните.“

Најавени се и засилени инспекции на пазарот.

„Ќе има засилени контроли на пазарот. Секој обид за злоупотреба, вештачко зголемување на цените или брза заработка во овие услови ќе биде откриен, разобличен и санкциониран.“

Мицкоски порача дека институциите ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата.

„Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата“, наведе на денешната прес конференција Мицкоски.