Градежништво, туризам и индустрија – гигантски чекори во економијата
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека земјава прави гигантски чекори во економијата. Според неговите зборови, во мај е забележан историски раст на индустриското производство од 9,4 проценти. Исто така, извозот на земјоделски производи е зголемен за 57 проценти во првите пет месеци од годината, во споредба со истиот период претходната година. Растот на туристичкиот сектор изнесува 22 проценти во првиот квартал во однос на истиот квартал лани.
„Кога соопштивме дека БДП на реална основа во првиот квартал е зголемен за 3,2 проценти споредено со истиот период минатата година, и дека тоа е четврти најдобар резултат во Европа, веднаш зад Ирска, Данска и Полска, имаше обиди за потсмев. Сепак, денес можам да најавам дека во вториот квартал очекуваме уште подобар резултат. Според досегашните показатели, економијата ќе се движи меѓу 4 и 6 проценти раст, што е вистински гигантски чекор, затоа што податоците за април и мај се извонредни“, рече Мицкоски.
Според премиерот, и градежниот сектор покажува значителни подобрувања. Бројот на издадени дозволи и вредноста на објектите покажуваат раст од 20 до 60 проценти во споредба со истиот период лани.
„Овие податоци ги споделувам со цел да нагласам дека економијата не може да биде силна, доколку не се врати довербата на инвеститорите. А, довербата се враќа на два начина: прво, преку дисциплина и чесност во управувањето и второ, преку борба со корупцијата и криминалот и воспоставување владеење на правото“, изјави Мицкоски.
Македонија меѓу првите 10 туристички дестинации според ОН
Мицкоски се осврна и на туристичкиот сектор, при што посочи дека, според Канцеларијата за туризам на Обединетите нации, Македонија се најде на осмото место во светот според раст на туризмот.
„Утринава прочитав вест во која се наведува дека Канцеларијата за туризам на ОН ја рангирала Македонија како осма дестинација за туризам во светот. Станува збор за раст на туристите од 22 проценти во првиот квартал оваа година споредено со истиот период лани. Тоа претставува уште еден гигантски чекор напред“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека Владата останува силно посветена на економскиот развој. Првичните индикатори, според него, веќе покажуваат разлика во однос на претходните години.
„Нашиот пристап е цврсто фокусиран на економијата, бидејќи веруваме дека постои огромен неискористен потенцијал што може да нè води напред со гигантски чекори. Во првиот квартал, во првите пет месеци, и во првата половина од годината, ние навистина се движиме нанапред со забрзано темпо, за разлика од назадувањето во последните седум години“, рече Мицкоски.