Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, говорејќи за инвестициите коишто ги носи Владата и за односот на опозицијата, истакна дека СДСМ измислува лаги и е против рудници наместо да ги праша граѓаните на Крива Паланка што мислат, или пак нивниот градоначалник, којшто отворено поддржува отворање на рудник.
„Ќе си измислат тема — овие се за податочен центар, ќе ни ја земат водата, струјата… луѓето коишто ја разбираат оваа проблематика се смеат. Си измислија тема за антимонот. Појдете во Крива Паланка и прашајте ги луѓето. Тоа е рударско место, таму веќе го има рудникот „Тораница“, којшто, патем речено, сега конечно се среди“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека лично добил повик од градоначалникот на Крива Паланка (којшто, патем, доаѓа токму од редовите на СДСМ) со барање да помогне да се реши проблемот, затоа што без егзистенција ќе останат стотици или илјадници семејства и дополнително ќе се исели градот, којшто и онака се соочува со миграција.
„Сето ова кога ќе го анализирате, ќе дојдете до заклучок: дајте да си ја тераме нашата работа, да ги реализираме целите, програмата, сè она што го имаме зацртано. А што и да правиме, тие ќе си ја кажуваат својата лага, својата измислица — живеат во тој паралелен свет. Тие своето, ние своето. На крајот од денот ќе има избори, па граѓаните ќе одлучат“, потенцираше премиерот Мицкоски.
