Големиот христијански празник Голема Богородица нè потсетува на вечните вредности на семејството, љубовта, жртвата и надежта, кои со векови го крепеле македонскиот народ, посочува премиерот Христијан Мицкоски во честитката до верниците по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.
„Денеска го славиме големиот христијански празник Голема Богородица – ден исполнет со вера, духовна сила и заедништво. Овој празник нè потсетува на вечните вредности на семејството, љубовта, жртвата и надежта, кои со векови го крепеле македонскиот народ. На сите православни верници им упатувам искрени честитки со желби за здравје, радост и благосостојба во домовите“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Истовремено тој им го честита и празникот на рударите.
„Во истиот ден, со посебна почит им оддаваме признание и на нашите рудари, чиј труд е темел на индустрискиот развој и енергетската стабилност на државата. Вие, со вашата напорна и чесна работа, оставате трајна трага во изградбата на Македонија. Владата останува посветена на подобрување на условите за работа, безбедноста и достоинството на секој рудар, затоа што вашата жртва и ангажман се од национално значење. Нека овој ден ни биде потсетник дека со вера, труд и заедништво ја градиме иднината на нашата татковина“, посочи премиерот Мицкоски.
На сите православни христијани им посакува благословена и мирна Голема Богородица, а на сите рудари – среќен и честит празник со желби за безбедна и плодна година.