Инвестицијата е од сопствени средства и кредити, вклучително и унгарска кредитна линија

Нова фабрика за производство на вафли од брендот „Винчини“ денеска беше пуштена во употреба од компанијата „Макпрогрес“ во Виница, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски.

Генералниот директор на „Винчини“, Глигор Цветанов, информираше дека инвестицијата вредна 8,5 милиони евра е реализирана со сопствени средства и преку кредити од комерцијални банки, вклучително и средства од унгарската кредитна линија обезбедена од Владата.

„Покрај првичните 40 вработувања, од кои дел се постојни, а дел нови, следната година се планирани уште 40, бидејќи ќе се удвои капацитетот на производство“, најави Цветанов.

Тој додаде дека објектот е изграден за шест месеци и располага со две современи производствени линии за вафли и кондиторски производи, наменети за домашниот пазар и за извоз.

Мицкоски најави поддршка за домашните компании и извозно ориентирани инвестиции

Премиерот Христијан Мицкоски најави натамошна поддршка за домашните компании, истакнувајќи дека е импресиониран од развојот на „Макпрогрес“.

Тој посочи дека компанијата од семеен бизнис прераснала во регионален гигант со годишен промет од над 40 милиони евра.

„Компанијата е еден од темелите на македонската кондиторска индустрија. Како Влада ќе сториме сè што можеме за да помагаме ваков бизнис, бидејќи 80 проценти од производството е наменето за извоз“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи да ги поддржува инвестициите и да создава услови за нивна реализација.