Владата прави анализи поради глобалните турбуленции и притисокот врз енергетските пазари
Светот влегува во период на нови конфликти и сериозни геополитички турбуленции, а економиите и енергетските пазари се под силен притисок. Ова го истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочувајќи дека Владата внимателно ја следи ситуацијата и презема мерки за да спречи влошување на состојбата.
Тој нагласи дека во услови на нестабилност државите мора да покажат сериозност, внимателност и одговорност.
„Како Влада сме посветени на две прашања. Првото – анализи и чекори за кризата која доаѓа предизвикана од светските случувања на Блискиот Исток. Владата нема да дозволи работите сериозно да се влошат и ќе реагираме. Мојата цел е да имаме најефтини бензини во регионот, и покрај реалноста која кажува дека мора да има поскапување. Но ќе се борам моите нашите граѓни да плаќаат помалку од сите останати во регионот. Токму и тоа беше целта на средбата со преставниците од нафтената индустрија“, рече Мицкоски.
Целта е најниски цени на енергијата во регионот
Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи со мерки за да обезбеди пониски цени на енергијата во споредба со соседните земји.
„Погледнете ги цените во соседните земји. Четириесет, педесет, шеесет проценти се повисоки од оние што ги имаат македонските граѓани денес, а нема никој да излезе од опозицијата и да го признае тоа на некого. И тие беа истите што не успеаја да обезбедат вакцини за македонските граѓани, па тогаш, во времето на најголемата криза, поради кризата, македонските граѓани мораа да одат во соседството да се вакцинираат, или пак направивме естрадна претстава и претстава на границата каде што добивме донација од скромни пет илјади вакцини, а денес никој не може да каже дека во споредба со тие земји во регионот, имаме педесет или шеесет денари по литар ниска цена на енергијата. Но, ќе продолжам да се борам нашите граѓани да плаќаат малку повеќе за да останат во регионот“, вели Мицкоски.
Тој додаде дека токму обезбедувањето пониски цени на горивата и енергијата била и главната тема на средбата со претставниците на нафтената индустрија.
