Премиерот Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на свеченото поставување на камен-темелник за изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, долг 17,5 километри. Проектот, вреден околу 90 милиони евра, е дел од стратешките инфраструктурни инвестиции што Владата ги реализира за поврзување на земјата со паневропските коридори и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Три клучни пораки од премиерот Мицкоски:

Македонија како европска артерија со изградба на автопат Тетово Гостивар

„Како држава која нема излез на море, Македонија има потенцијал да биде дел од паневропските коридори. Коридорот 8 ги поврзува Јонското и Јадранското море со Црното море, а Коридорот 10 го поврзува Средоземјето со Централна Европа. Овој автопат е дел од стратегијата за интеграција на Македонија во европските транспортни мрежи“, истакна Мицкоски.

Градоначалниците како двигатели на развојот

Премиерот се заблагодари на сите општини што учествуваа на вториот повик на Министерството за локална самоуправа, пријавувајќи проекти во вкупна вредност од речиси 16 милијарди денари. „Тоа е многу голема работа на администрацијата, многу посветеност од страна на градоначалниците и јас им честитам“, рече Мицкоски.

Амбасада на САД: Коридорот 8 ќе го зајакне економскиот развој и регионална поврзаност

Квалитетот на животот како приоритет

„Денес, како никогаш порано, државата е едно големо градилиште. На повеќе од 1.200 локации се реализираат инфраструктурни проекти. Градењето патишта, училишта, градинки и канализации значи градење иднина“, нагласи премиерот.

Технички детали за автопатот Тетово – Гостивар:

Должина: 17,5 километри

Вредност: околу 90 милиони евра

Време на изградба: 2,5 години

Конструкција: шест сообраќајни ленти (три во секој правец), девет натпатници, вклучувајќи нови клучки во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, и реконструкција на клучката за излез од Тетово.

Со овој проект, Владата на Република Македонија продолжува со реализација на амбициозните инфраструктурни планови, кои се дел од стратегијата за економски раст и европска интеграција на земјата.

Извор: Миа