Мицкоски со пофалби за работата на Министерството за транспорт
Премиерот Христијан Мицкоски упати пофалби за работата на Министерството за транспорт, оценувајќи дека постигнатите резултати се историски. Според него, новите бројки за зголемен број на патници се директен показател за успешните политики и активности во секторот. Тој посочи дека во првите два месеца од годинава на скопскиот аеродром е регистрирано зголемување од 30 отсто на бројот на патници, додека на охридскиот аеродром растот изнесува околу 20 отсто.
Засилена динамика и решавање на предизвиците
Премиерот изрази задоволство од динамиката со која се реализираат инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека Министерството за транспорт има клучна улога во нивната реализација.
„Јас сум исклучително задоволен од тоа како се одвива динамиката за автопатите. Очекувам сите рокови кои ги дадовме да бидат завршени. Вие знаете дека завршувањето на автопатот Кичево – Охрид го завршуваме со средства кои ЈПДП ќе ги позајми од домашните банки. Од некакви причини финансирањето од кинеската банка е прекинато, бевме известени, но ние се снајдовме. Благодарение на успешната акција на министерството за транспорт, потпретседателот на Владата, директорот на ЈПДП, луѓе од мојот кабинет, се обезбеди доволна сума на средства за како што ветивме така да го пуштиме во употреба. Истото тоа се случува и со останатите автопати“, рече премиерот Мицкоски.
Висока реализација на капитални проекти
Мицкоски нагласи дека и покрај наследените проблеми, Министерството за транспорт успеало брзо да реагира и да ги надмине предизвиците, при што реализацијата на капиталните проекти е на високо ниво.
„Ние ги завршуваме работите. Имаме многу проблеми поради погрешни политики водени претходните децении, но важно е дека не создаваме проблеми и не создаваме лошо наследство за генерациите после нас. Еден по еден приоритетите ги завршуваме. Имаме повеќе од 30 отсто реалиција на капитални проекти во првиот квартал којшто има уште не е завршен. 31 март е во вторник. Над 30 отсто имаме реалиција што можеби е историски најдинамична реалиција на капитални проекти. Транспорт има над 50 отсто реализација. Нема стопирање“, завршува Мицкоски.
