Државата нема да дозволи профитерство и притисок врз граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски се сретна со претставници на големите маркети и истакна дека државата внимателно ја следи состојбата на пазарот за да спречи профитерство.

„Имав средба со големите маркети. Активно ја следиме состојбата и нема да дозволиме отстапувања и профитерство“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека интервенцијата на државата ќе се случува само со оправдана причина, но нема да се дозволи создавање реален притисок врз граѓаните без основа.

„Државата нема да интервенира во пазарот без причина. Но државата нема ни да стои на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа“, посочи премиерот.

Мицкоски нагласи дека со претставниците на маркетите се заклучило дека е важно да се обезбедат фер цени и да не се дозволи ново зголемување на цените.

„Со преставниците на маркетите заеднички заклучивме дека треба да има фер цени на производите и дека не треба да има ново зголемување. Продолжуваме да ја следиме состојбата и да интервенираме доколку има потреба за тоа. Најважен е интересот на граѓаните“, заклучи тој.