На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција, македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, оствари средби на високо ниво.

-Денот го започнавме на средба со Тед Дојч, инаку претседател на американско-еврејскиот комитет, средба на којашто разговаравме за глобалните безбедносни предизвици, но и мирот којшто секогаш треба да претставува наша цел кон којашто како политичари треба да се стремиме, посочи Мицкоски.

-Веднаш потоа присуствував на исклучително инспиративното обраќање на американскиот државен секретар Марко Рубио, обраќање на коешто тој уште еднаш потенцираше за глобалните светски предизвици пред сè безбедносни но и она коешто за него е особено важно, а и она коешто беше особено важно неговото обраќање, а тоа е нераскинливата врска помеѓу Европа како континент и Америка како континент или да бидам попрецизен како што ја нарече Америка дете на Европа. Она коешто тој го порача и беше главна порака е дека како партнери и како пријатели треба да продолжиме да соработуваме во светот и не само во рамките на НАТО Алијансата туку и заедно да ги решаваме сите оние безбедносни предизвици, но и економските предизвици кои се исправени пред нас како два различни континенти, Европа и Америка, рече Мицкоски.

Понатаму продолжија на билатерална средба заедно со холандскиот премиер.

Премиерот вели дека на средбата разговарале за 3 важни работи за нас како држава.

-Првата се наоѓаме во истата конституенца заедно со Холандија во Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. Под два тоа се холандските инвестиции во Македонија, но и соработката со мултинационалната компанија „Филипс“, и можноста за соработка во здравствениот сектор. И трета тема којашто ја разговаравме евроинтегративните процеси на Македонија во рамките на Европската Унија, рече Мицкоски.

-Денот го продолжуваме со други средби и други состаноци. Една од тие средби ќе биде и средба со претседателот на Украина, Зеленски, потоа амбасадорот Гренел, исто така и претставникот на финансиската групација „Голдман Сакс“. Следете не продолжуваме со убави вести, продолжуваме со пријатни изненадувања за македонските граѓани и за Македонија, порача Мицкоски.