Свеж капитал и нови работни места
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиуми најави 17 инвестиции во вредност од околу 650 милиони евра. Овие инвестиции, кои се почнати, се во процес на реализација или се во фаза на договарање, треба да создадат до 5.000 нови работни места.
– Втората тема која што е многу важна е економијата. Мојата борба е да донесеме свеж капитал. И кога доаѓа моментот кој треба да направи разлика меѓу нас и нив од СДСМ и ДУИ, е фактот што со огромно задоволство најавувам дека инвестициите коишто или се почнати, или се реализираат или се во фаза на договарање на државна помош, а се дел од портфолиото на ТИРЗ зоните изнесуваат околу нови 650 милиони евра. Тоа се 17 инвестиции коишто треба да креираат до 5.000 нови работни места. Ете тоа е нашата борба, посочи Мицкоски.
Разлика во економски политики
Мицкоски ја истакна и разликата помеѓу економските политики на ВМРО-ДПМНЕ и политиките на СДСМ, нагласувајќи дека во првите шест квартали реалниот раст под неговата власт изнесува 3,5%, додека за време на владата на СДСМ растот бил скромни 2%.
– Тоа е разликата помеѓу оваа Влада и онаа влада која што ја водеше СДСМ. Во 28 квартали, влада СДСМ – ДУИ, имаме реален раст на македонската економија од скромни 2%. Во првите шест квартали од нивното именување, односно избор како влада, па и ако кажам именување нема да погрешам бидејќи знаете како беа октруирани, тогаш како влада после оној политички инженеринг којшто се случуваше во 2017 година. Во првите шест квартали имаа раст од 2%, во првите шест квартали од оваа власт, просечниот раст на македонската економија, реален раст е 3,5%, скоро два пати повеќе, изјави Мицкоски.
Фокус на работа и реални резултати
Мицкоски додаде дека разликата не се гледа само во бројките, туку и во пристапот кон граѓаните.
– Тоа се бројки, тоа е разлика која што ја прави ова Влада многу поразлична од владата на СДСМ и ДУИ. Тоа е разликата меѓу нас, додека тие лажат, шират паника и пробуваат да ги злоупотребат чувствата на луѓето и играат на создавање емоции, ние работиме и се трудиме колку можеме да направиме да биде подобро за нашите сограѓани.
Оваа изјава доаѓа во време кога Владата посветено работи на економско јакнење и привлекување свежи инвестиции за развој и нови работни места.
