Болницата во Штип – прва дестинација по изборот
Премиерот Христијан Мицкоски најави големи интвестиции во здравството.
„Од моментот кога ја презедовме одговорноста како Влада, темата здравство беше во самиот фокус. Ако се потсетите, мојата прва теренска активност и јавна изјава беше токму во Клиничката болница во Штип“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Според него, состојбата која ја затекнале во здравствениот систем била алармантна и речиси нефункционална.
Болниците биле полни со долгови и дигитален отпад
„Она што нè пречека во здравството беше навистина алармантна ситуација – безредие, тотален хаос и натрупани долгови“, нагласи Мицкоски, потенцирајќи дека новото раководство започнало со конкретни и видливи промени.
Говорејќи за неговата неодамнешна посета на Клиниката за детски болести, Мицкоски потенцираше дека промените не секогаш бараат големи средства.
● „Некогаш нешто може да се промени и без големи трошоци, или како што јас би рекол – со многу малку пари. Посетата на Клиниката за детски болести покажа токму тоа – клиниката беше исчистена. Не само во хигиенска смисла, туку беа отстранети 50 тони дигитален отпад. Стари компјутери, принтери – цели балкони беа затрупани. Сега тоа е минато. Тоа е една од 11-те конкретни мерки преземени од новиот директор за само 11 месеци“, рече премиерот.
Проектите презентирани од раководството на таа клиника, според него, чинеле 40 милиони денари.
Над 200 милиони евра за нови болници, реконструкции и факултет
Во своето обраќање, премиерот најави и голема инвестиција од над 200 милиони евра преку кредит од стратешкиот договор со Обединетото Кралство.
● „Овие средства ќе бидат насочени кон комплетирање на штипската клиничка болница, изградба на Медицински факултет и студентски дом со капацитет за 200 легла. Понатаму, ќе се гради болница во Кичево, а ќе се направи и целосна реконструкција и опремување на тетовската клиничка болница за да може да одговори на сите потреби на пациентите“, најави Мицкоски.
Тој додаде дека кога овие проекти ќе бидат финализирани, Владата ќе се наврати на анализата за изградба на „фамозниот Клинички центар“, кој одамна е најавен, но никогаш реализиран.
● „Во 2017 година веќе имаше избран изведувач за Клиничкиот центар. Но, тогашната влада – во нивен добро познат стил – го раскина договорот. Сега сме на арбитража и постои можност граѓаните, без вина, да плаќаат штета. Слично како што сега треба да се платат 50 милиони евра поради незаконското одземање средства од фирмите од страна на претходната влада“, додаде Мицкоски.
Здравството останува врвен приоритет
На крај, премиерот потенцираше дека здравството е приоритет кој не може да се игнорира.
● „Факт е дека здравството беше запоставено. Факт е дека претставува еден од најголемите проблеми за граѓаните. Исто така е факт дека ние како Влада го ставивме во врвот на нашите приоритети“, заклучи Мицкоски.