Три компании потврдија дека ќе инвестираат во државава

Забрзува инвестицискиот циклус во Македонија, откако три странски компании ќе отворат нови капацитети во земјава, потврди премиерот Христијан Мицкоски. Преговорите се завршени, а станува збор за инвестиции во автомобилската индустрија, високите технологии и фармацијата, со вкупна вредност од 120 милиони евра и 1.500 нови работни места. Паралелно, Владата води разговори со уште десет потенцијални инвеститори.

Нови странски инвестиции и дополнителни преговори

Премиерот Мицкоски информираше дека дел од тековните преговори се однесуваат на енергетиката, високата технологија и автомобилската индустрија, со цел, како што рече, да се додаде нова вредност во домашната економија. Според него, бизнис-секторот веќе влегол во сериозен инвестициски циклус кој директно придонесува за забрзување на економскиот раст.

Евтини кредити и нова финансиска поддршка за стопанството

Откако годинава компаниите добија поволни кредити преку деловните банки со заем од Унгарија, Владата најави дека води разговори за нова финансиска транша за стопанството. Иако не беше прецизирано со кого се преговара и кога средствата ќе станат достапни, беше посочено дека унгарскиот заем од 250 милиони евра е речиси целосно искористен, со досега распределени 218 милиони евра. Мицкоски нагласи дека макроекономските параметри се во нагорна линија, дека инвестициите во првата половина од годината изнесуваат меѓу 13 и 15 проценти, како и дека дел од буџетските средства веќе се влеани во економијата и ликвидноста на државата.

Даночна стабилност, раст на приходите и е-фактура

Владата останува на ставот дека нема да има зголемување на даноците, туку корекција на законските неусогласености, со цел да се спречат погрешни толкувања и да се прошири даночниот опфат. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска истакна дека приоритет е сите да ги исполнуваат даночните обврски, без дополнително оптоварување за стопанството. Од Управа за јавни приходи информираат дека за 11 месеци годинава се наплатени 3,97 милијарди евра од даноци и придонеси, што е за 268 милиони евра повеќе од лани. Директорката Елена Петрова најави дека од 1 јануари започнува пилот-имплементацијата на проектот е-фактура, кој треба да придонесе за поголема транспарентност и намалување на сивата економија.