Премиерот Христијан Мицкоски очекува од понеделник бензините да поевтинат за околу 2 денари, додека цената на дизелот би можела да остане иста или благо да се зголеми за околу половина денар.
Тој изјави дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи и дека намалувањето на ДДВ-то за горивата веќе дава резултати.
– Многу внимателно ја следиме состојата со цената на нафтата на светските берзи. Врз основа на нашите пресметки очекуваме во понеделник за околу 2 денари намалување на цената на бензините и иста цена или за половина денар повисока цена на дизелот, така што намалувањето на ДДВ-то директно имплицира позитивен ефект – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека, доколку има потреба, мерката за намалено ДДВ може да биде продолжена за уште две недели или да се разгледа воведување нови мерки поврзани со акцизите.
Според него, нема намалување на потрошувачката на гориво, а во пограничните региони дури е забележан раст.
– Сега за сега состојбата е стабилна и нема потреба од рестрикции. Намалувањето на ДДВ-то ја намали цената на горивата – изјави Мицкоски, додавајќи дека дневната потрошувачка достигнува околу 200.000 литри.
Во однос на критиките од СДСМ за падот на индустриското производство, Мицкоски рече дека намалувањето е резултат на блокадата од транспортерите, но оцени дека трендот ќе се надомести во наредниот период.
