Мицкоски: Поранешни раководства на МЕПСО барале мито од инвеститори – истрагата е во тек
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ќе излезе скандал за поранешните раководства на АД МЕПСО. Постојат сомневања дека барале мито од инвеститори при издавање на мислења за приклучоци кон електроенергетската мрежа. Според него, истрагата за овие наводи е во тек, а наскоро се очекува дел од информациите да бидат јавно објавени.
„Во моментот има барања за приклучок во износ од 9,5 гигавати, што е трипати повеќе од техничкиот капацитет на мрежата, кој е двојно поголем од потрошувачката во пиковите во зима. Причината за ова е што некои од минатите раководства на МЕПСО, пред да издадат мислење, барале мито од инвеститори. Истрагата е отежната поради недостиг на цврсти докази, но верувам дека наскоро некои од овие случаи ќе бидат откриени пред јавноста“, рече Мицкоски.
Енергетската мрежа е стабилна – испадот во неделата бил поради надворешен фактор
Премиерот исто така ги демантираше тврдењата за чести испади во енергетската мрежа, посочувајќи дека последниот инцидент се случил викендов и бил резултат на зголемени напонски прилики.
„Тоа беше недела кога на далноводот што ги поврзува Врање и Штип имаше напон од 460 киловолти, наместо стандардните 400. Тоа ја активираше заштитата на мрежата и предизвика исклучување на далноводот – нешто што е нормална реакција во вакви случаи“, појасни Мицкоски.
Тој додаде дека енергетската мрежа има доволен капацитет за покривање на сегашната потрошувачка и дека Владата работи на нејзина модернизација и поголема транспарентност во процесот на приклучување на нови инвестиции.
За потсетување, ова не е првпат владата предводена од Мицкоски да открива скандали. Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, се бара со меѓународна потерница поради обвинувања за несовесно работење и злоупотреба на службената положба. По отворањето на истрагата, судот му одреди притвор, но Ковачевски е недостапен за полицијата. Со случајот се опфатени уште 20 лица, а штетата врз државниот буџет изнесува над шест милиони евра.
Извор: Плусинфо