Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека 2029 и 2030 година ќе бидат првите години во кои државата нема да мора да издава еврообврзница, а годинава да заврши со номинален БДП меѓу 19,5 и 19,6 милијарди долари. Според него, Македонија првпат ќе достигне номинален БДП по глава на жител од околу 10.500 долари, додека по куповна моќ износот надминува 30.000 долари.

Номинален БДП 2025

Следната година ќе натрфрлиме номинален БДП над 20 милијарди долари, годинава ја завршуваме со 19,5 – 19,6 милијарди долари. БДП по глава на жител во однос на номинален 10 500 долари првпат петтоцифрена бројка, а по куповна моќ над 30 илјади долари, рече Мицкоски на брифинг со новинарите, додавајќи дека тоа е „убедливо повеќе од Албанија и Косово“, а само малку под нивото на Србија и Црна Гора.

Премиерот очекува во 2026 година БДП по куповна моќ да надмине 32.000 долари, а номинално да достигне 11.000 долари. Тој посочи дека пресметките се вршат согласно пописните податоци за околу 1,8 милиони жители, додека реално присутни во земјата, според него, се околу 1,4 милиони.

Поголем проблем е структурата. Скопје за 2024 година по моќ има поголем БДП по глава на жител од оној на цела Грција, односно номинален од 18 илјади долари за 2024 и по куповна над 45 илјади. Проблем е што остатокот на Македонија е полош, пред сè полошкиот и североисточниот регион, наведе премиерот.

За да се задржи макроекономската стабилност, Мицкоски смета дека инфлацијата мора да остане меѓу 2 и 3 проценти, да се почитуваат колективните договори, а просечната плата да расте за 9,5 до 10 проценти.

Притоа да имаме реален раст на БДП од околу 3,5 до 4 проценти, а номинален раст помеѓу 7 и 8 проценти. Ако сакаме стабилна економија, добро е ова да го одржуваме, рече тој.

Премиерот најави дека следната година земјата ќе треба да врати над 2,2 милијарди евра. Само еврообврзницата издадена пред четири години изнесува 700 милиони евра и треба да се врати во април, што ќе бара повторно издавање еврообврзница веќе во јануари.

Она што е добро е што немаме проблем со инвеститори. Албанија има, Црна Гора има, Косово има, Србија има, ние немаме, рече Мицкоски, додавајќи дека очекува купонот на новата еврообврзница да се реализира целосно.

Тој наведе дека годинава државата веќе вратила 500 милиони евра, а во следните години следуваат големи обврски: 700 милиони во 2025, 500 милиони во 2027 и уште 700 милиони во 2028.

Лани не земевме еврообврзница бидејќи парите ги вративме од унгарскиот кредит, тоа беше најповолно во тој момент, рече премиерот, истакнувајќи дека 2029 и 2030 година ги гледа како први години без потреба од нови еврообврзници.

За 2025 година, Мицкоски предупреди дека државата ќе се соочи со значајни финансиски обврски: 700 милиони евра за еврообврзницата, 600 милиони за буџетскиот дефицит и дополнителни кредити кои доспеваат.

Според него, тоа ќе биде „предизвикувачки период“, бидејќи станува збор за значителен дел од буџетот од околу 7 милијарди евра.