Премиерот за процесот на избор на државен јавен обвинител

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за дневникот на телевизија Сител, зборувајќи за изборот на новиот државен јавен обвинител, истакна дека одлуката за разрешување на сегашниот не е само политичка, иако логично е да има и политичка димензија.

„Ние ја водиме владата и дадовме шанса година и половина, како ниедна влада во минатото, на наследен Јавен обвинител му оставивме година и половина да се размавне со неговиот тим. Ги видовме резултатите какви се, и логично е, не сме задоволни и влегуваме во процес да бараме Јавен обвинител од којшто очекуваме многу повеќе“, изјави премиерот Мицкоски.

Повик до компетентни кандидати

Премиерот ги повика сите кои се чувствуваат компетентни да се пријават за нов Јавен обвинител.

„Согласно закон, потенцијалниот Јавен обвинител доаѓа од јавнообвинителската служба со минимум 10 години работно искуство или кривичен судија. Не може сега истакнати правници, таков е законот. Сега од овој базен треба да очекуваме да се пријават кандидати. Логично е од обвинителството да се пријавуваат кандидати коишто се минимум во вишите обвинителства во апелационите подрачја и претпоставувам оние јавни обвинители од државното јавно обвинителство, како и кривични судии коишто се кривичари коишто очекуваме да поднесат свои апликации. Дали имаме фаворит, ако ме прашувате, немаме, еве ги охрабрувам сите оние коишто се чувствуваат компетентни, коишто сакаат правда, право во државата да се пријават“, додаде Мицкоски.