Судскиот систем е извор на незадоволство
„Очекувам членовите на Судскиот совет да покажат доблест и сами да се повлечат“, ова е пораката од премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски. Тој истакна дека јавноста е незадоволна од функционирањето на судско-обвинителскиот систем. Според него, овој систем е исполнет со бројни контроверзии и скандали, а за да се постигне правда, потребни се суштински промени.
„Во изминатите месеци детално се запознавав со начинот на кој функционира судско-обвинителскиот систем, процесот на избор, институционалната меморија и сите аспекти поврзани со него. Кога нешто не знам, се трудам да го научам. Заедно со министерот, тимот во Министерството за правда, пратениците и стручните лица, анализираме, разменуваме искуства и бараме решенија. Граѓаните не се задоволни од овој систем, бидејќи тој претставува едно мочуриште преполно со скандали и контроверзии“, изјави Мицкоски.
Судскиот совет треба да биде ослободен од партиски влијанија
Премиерот нагласи дека мора да се избере нов Судски совет, кој ќе работи без партиски притисоци и ќе обезбеди фер и независно судство.
„Не можеме целосно да го распуштиме системот, ниту за кратко време да ги откриеме сите неправилности. Но, можеме да формираме Судски совет кој објективно и независно ќе функционира, без партиски притисоци и лични интереси. Овој нов состав треба да го разбистри политичкото мочуриште и да врши надзор врз судиите, нивните одлуки и мотивите зад тие одлуки“, потенцираше тој.