Кадровско освежување во Владата напролет

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, откри дека во следниот период ќе се извршат кадровски промени во Владата и државните институции. Тој потврди дека Беким Сали и Мухамед Хоџа се неговите предлози за нови министри и најави дека напролет ќе има промени и пошироко, во различни државни органи.

„Мојот предлог денеска е доставен до Собранието, а тоа се Мухамед Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали кој ќе биде министер за европски прашања и потпретседател на Владата“, изјави премиерот Мицкоски.

Во однос на Министерството за здравство, Мицкоски посочи дека засега нема да има промени. Сепак, тој додаде дека секој има шанса за напредок и дека Азир Алиу досега пристојно ја врши својата работа.

Премиерот Мицкоски истакна дека по партискиот конгрес и сите преструктурирања ќе следуваат промени во Владата и државните институции. Целта е формирање на тим кој ќе го носи товарот до следните избори.

„После конгресот после сите преструктурирања во рамките на партијата напролет очекувам некаде да имаме и освежување во рамките на Владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања и во рамките на државните институции, така што ова е тој грантограм кој во следниот период како претседател на Влада и доколку ја добијам довербата на делегатите, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ не очекува. Формирање на овој тим кој потоа треба да го понесе и изнесе товарот до следните парламентарни избори“, потенцираше премиерот Мицкоски.