Мицкоски: Очекувам историска победа на ВМРО-ДПМНЕ со 45 до 50 градоначалници и Скопје

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во поткастот „Проверитас“ изјави дека очекува убедлива и историска победа на кандидатите на неговата партија на претстојните локални избори. Според него, бројката на освоени општини може да се движи меѓу 45 и 50, плус Град Скопје.

„Очекувам убедлива победа повторно на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Сега имавме точно 42 градоначалници, а сега очекувам историски резултат. Граѓаните чувствуваат дека искрено сме влезени и сакаме да направиме промени. Кампањата ни е прецизна, со јасна порака и реални решенија, без црна пропаганда и лични напади“, изјави Мицкоски.

Фокус на проекти, а не на поделби

Во продолжение, Мицкоски се осврна и на коалицискиот партнер во Владата, партијата ВРЕДИ, нагласувајќи дека нивните кандидати водат позитивна кампања насочена кон развој и конкретни проекти.

„Мене ми е драго што ВРЕДИ е фокусиран на проекти и стратегии за општините. Нивните кандидати зборуваат за визија и развој, додека кај нивните конкуренти од ДУИ гледаме само поделби и лични интереси. Тоа е погрешен пристап и ќе се увериме многу скоро“, рече тој.

Мицкоски: Кампањата е со јасна порака и конкретни решенија

Лидерот на опозициската партија потенцира дека кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се разликува со тоа што нуди конкретни решенија за секоја општина, а не негативни пораки. „Имаме план, стратегија и искрен пристап. Нашата цел е граѓаните да видат дека оваа партија работи за нив, а не против некого“, додаде Мицкоски.