Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на реконструираниот дом на култура во населбата Ченто, Општина Гази Баба, при што оцени дека станува збор за значаен проект за локалниот културен развој.
„После отприлика една година… денеска сме сведоци на неговото пуштање во употреба, реализација за Општина Гази Баба и за културниот живот… ова ќе биде додадена вредност“, изјави премиерот.
Тој упати честитки до локалната власт, пратениците и сите институции вклучени во реализацијата на проектот, потенцирајќи ја важноста на заедничката поддршка.
„Им честитам на градоначалникот, на пратениците во македонското собрание, на советниците… на министерот, на Министерството за култура и на сите останати колеги во Владата“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата во моментов реализира голем број инфраструктурни и развојни проекти низ државата.
„Државата денеска е едно големо градилиште, повеќе од 1.000 проекти се изведуваат на различни локации, нешто што за нас претставува навистина историско“, истакна тој.
Според него, реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал бележи значителен раст.
„Имаме реализација на капитални инвестиции… поголема од 31/32%, историски високо ниво и очекувам до крајот на годината не само што ќе ги реализираме туку и да го нафрлиме бројот“, додаде премиерот.
На крајот, Мицкоски им посака успешна работа на новиот културен објект и изрази надеж за уште вакви проекти низ државата.
„Нека им е со среќа ова катче на жителите во Општина Гази Баба и да посакаме уште многу вакви репрезентативни објекти да ни се отвораат“, порача тој.
