Мицкоски: „Безбеден град“ нема етничка заднина

„Граѓаните без исклучок сакаат да имаат помалку сообраќајни незгоди, и да има помалку жртви и последици од тие сообраќајни незгоди. Лага е дека „Безбеден град“ има етничка заднина, за сега е имплементиран во Скопје, Куманово, Тетово и по коридорите 8 и 10. Анализите покажуваат дека три четвртини од прекршоците се направени во Скопје, но истовремено покажуваат и дека оние 110-150 илјади прекршоци, во овој тест период се намалени на 7-8 илјади“, посочи премиерот Христијан Мицкоски во Собрание, прашан за тужбата поднесена од Зијадин Села до Уставниот суд за проектот „Безбеден град“.

„Некои работи едноставно и искусни политичари како Зијадин Села дали намерно, свесно или несвесно се обидуваат да ги направат такви да не соодветствуваат со реалноста. Мислат дека ако излезат во јавноста со пораки, дали биле против една етничка група, во насока на друга етничка група, ќе добијат политички поени, а на тие поени и некаков политички легитимитет. Но, фактите го зборуваат спротивното, колку повеќе има вакви настапи, толку повеќе назадуваме во политиката и помалку поддршка се добива од граѓаните“, истакна Мицкоски кој посочи на огромната јавна поддршка на проектот.

„Кога ќе ги прашате граѓаните при организирање на анкети, јавно мислење, акламативно, повеќе од 80 проценти го поддржуваат. Повеќе од две третини од Албанците го поддржуваат. Затоа мене не ми е јасно кому му се обраќа подносителот на тужбата во Уставен суд, човек којшто со децении е присутен на политичката сцена. Елементарно е во политиката, ако не знаете што да направите, направете мерење на граѓаните да слушнете јавно мислење, што мислат. Па потоа влегувајте во било какви авантури. Статусот во моментов е тој, 80 проценти од граѓаните го поддржуваат. Дали тој ќе продолжи и во кој интензитет ќе се зголемува или намалува-ќе видиме. Но, ние сме свесни со сиот ризик само со една цел влегуваме во проектот, а тоа е да спасиме човечки живот повеќе. И друг мотив нема“.

Нагласувајќи дека ваков систем постои во речиси секоја европска метропола, Мицкоски откри дека следна фаза, по „Безбеден град“, ќе биде проектот „Безбедна земја“

„Следува следната фаза, „Безбедна земја“, со којшто границите ќе ги обезбедиме, ќе имаме систем за рано детектирање на пожари, да ги најдеме виновниците коишто прават таков тип на хибридни напади врз државата и врз граѓаните, веднаш да ги детектираме и извадиме пред лицето на правдата. Систем со којшто криминалците нема да ни бегаат преку граница откако ќе сторат криминал, туку ќе бидат веднаш препознаени, фатени, санкционирани и однесени таму каде што треба да бидат.

Тоа е суштината на одговорна Влада. И тоа се храбри потези во политиката. Не се храбри потези уставни измени или на сила менување имиња. Ова е храбар потег, којшто ќе донесе квалитет во животот на граѓаните и ќе спаси човечки животи, тоа е храбар потег по цена и на политичка штета. Тоа се храбри и истовремено државнички потези“, потенцираше Мицкоски којшто упати и пораки до политичарите.

„Ги молам сите политичари за одговорно однесување кога станува збор, особено за проектот „Безбеден град“. Тој нема никаква етничка припадност, целта е да спаси човечки живот и да го намали ризикот од сообраќајни незгоди со фатални последици“, посочи премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања.