Од Скопје денес испраќаме порака дека одржливата енергија не е политички избор, туку морална обврска кон идните генерации. Енергетиката е срцето на економијата. И ако тоа срце чука рамномерно, целиот систем живее. Да го оддржиме тој ритам е нашата заедничка одговорност, но и нашата најголема можност, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од отворањето на 14. Меѓународен форум за енергетика за одржлив развој насловен „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“, што се одржува во Скопје.

Секоја инвестиција во чиста енергија, според претседателот на македонската Влада, е инвестиција во живот, здравје, стабилност и напредок.

– Секоја нова технологија што ја воведуваме, секој киловат што го произведуваме без загадување, тој чекор кон економија што ќе ја напои во иднината. Нашата цел не е само да ги исполнуваме меѓународните цели. Нашата цел е да ја создадеме економијата на иднината: интелигентна, дигитална, зелена и отпорна, рече Мицкоски.

Тој изрази задоволство, што токму Скопје е домаќин на 14. меѓународен форум за енергетика и одржлив развој, собир кои ги обединува најголемите умови, визионери и практичари од над 70 земји.

– Ова е момент на гордост, но и момент на одговорност. Горд сум што Македонија денес е центар на светската дебата за иднината на енергијата. И уште погорд што, светот погледнува кон нас не како кон мала земја, туку како кон сериозен партнер, кој активно ја обликува агендата за одржлив развој. Фактот што денес овде во Скопје се води оваа глобална дискусија, покажува дека регионалната енергетска иднина може и треба да се гради токму тука, во нашата земја, истакна Мицкоски.

Ова, нагласи, е нашата прилика да покажеме дека земја со мала површина може да има големо влијание кога има јасна визија, решителност и лидерство.

Премиерот подвлече дека енергетиката е поставена високо на државната агенда, не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија.

– Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија, тоа е дел од нашата современа борба за независност, рече Мицкоски.

Забележа дека светот се менува со забрзано темпо и она што порано значело сигурен снабдувач, денес значи флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори на енергија.

– Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Глобалните турболенции не потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода. А без слобода нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство, додаде премиерот.