Премиерот Христијан Мицкоски со длабока тага ја примил веста за смртта на Неговата Светост, папата Франциск. Во својата порака, Мицкоски го опиша папата како духовен водач кој остави неизмерно хуман, чесен и посветен траг во историјата на современиот свет.

„Неговата порака за мир, солидарност, грижа за најранливите и дијалог меѓу народите беше светлина за милиони луѓе. Без разлика на верата или нацијата. Беше глас на совеста во време на глобални предизвици и неизмерен пример за човечност и морална храброст“, истакна Мицкоски.

Светот се простува од папата Франциск: Почина на 88-годишна возраст

Премиерот додаде дека папата Франциск, низ годините, континуирано ја изразуваше својата поддршка за Македонија, за нејзините напори за мир, соживот и почитување на различностите. Неговите зборови, како и неговиот однос кон народот на Македонија, секогаш биле исполнети со топлина и почит.

„Во мое лично име, во име на Владата и на граѓаните, упатувам најискрено сочувство до Ватикан, Католичката црква и сите верници кои денес тагуваат. Вечна му слава и благодарност“, завршува пораката на премиерот Мицкоски.

Извор: Република