Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на одбележувањето од 36 години на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање од Струмица изјави дека владата во изминатиот период работи од темели и дека државата се гради постепено, „камен по камен“.

– Почнавме од темелите. Од нула. Буквално камен по камен редевме за да стасаме до овде – рече Мицкоски.

Тој истакна дека во првите две години од мандатот се постигнати значајни економски резултати, меѓу кои и високи стапки на раст.

– Македонија е меѓу првите пет земји во Европа по раст на БДП. Постигнавме историски рекорд од 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции, изјави премиерот.

Мицкоски посочи дека во земјата се реализираат големи инфраструктурни проекти, при што се планирани шест нови автопатски решенија.

– Работиме на шест нови автопатски решенија кои треба да бидат завршени до крајот на 2027 година, рече тој.

Тој додаде дека државата има амбициозен план за капитални инвестиции во вредност од околу 10 милијарди евра во следните десет години.

Посебно се осврна на автопатот Кичево–Охрид, за кој рече дека по долги години конечно се движи кон завршница.

– Делницата од Извор до Врбјани треба да биде пуштена во употреба до септември или октомври, а Врбјани–Ботун ќе се реализира согласно динамиката, изјави Мицкоски.

Тој најави и нови инфраструктурни проекти, меѓу кои и експресниот пат Радовиш–Струмица.

– Работиме на нов експресен пат Радовиш–Струмица, порача премиерот.

Мицкоски информираше и за други проекти, меѓу кои Блаце–Скопје, Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, кои се дел од поширокиот инфраструктурен план.

Во делот за здравството, тој истакна дека е заокружена реконструкцијата на струмичката болница.

– Конечно се заокружи проектот за струмичката болница, кој со години беше заглавен. Инвестицијата изнесува околу 280 милиони денари, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на образованието, нагласувајќи дека учебници повторно се обезбедуваат навреме.

– Втора година по ред има учебник за секое дете, истакна премиерот.

Мицкоски посочи дека се зголемени буџетите за високо образование и наука, како и поддршката за земјоделците.

Во политичкиот дел од говорот, премиерот најави реконструкција на владата.

– Од утре ќе започнам да работам на реконструкција на владата, рече тој.

Тој додаде дека дел од функционерите се оддалечиле од граѓаните и од принципите на работа.

– Има такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот, истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека нема да толерира неодговорност и недостапност кај функционерите.

– Ако некој е уморен, чесно е сам да си оди, порача тој.

Мицкоски додаде дека сите отстапувања ќе бидат нотирани и дека ќе следуваат промени во владиниот тим.

Во делот за опозицијата, тој оцени дека таа не нуди реална алтернатива.

– Ние не се тркаме со опозицијата, тие одамна не се репер, рече премиерот.

Тој додаде дека Владата е подготвена за избори и дека нема страв од политички процеси.

Во завршницата од говорот, Мицкоски порача дека визијата на Владата е Македонија да стане држава на можности, со силна економија и модерни институции.

– Македонија мора да биде држава што создава можности, а не изговори, истакна тој.

Тој нагласи дека целта е младите да останат во државата и дека реформите се насочени кон долгорочен развој.

– Македонија не застанува. Македонија забрзува, заклучи премиерот.