Премиерот предупредува на политички игри околу извештајот за Македонија во ЕП
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со надеж го очекува гласањето за Предлог-извештајот за Македонија на 24 јуни во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), но дека добива информации за жестоки политички притисоци од страна на бугарските европратеници и Владата во Софија.
„Јас би бил најсреќниот човек доколку тој извештај се изгласа на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), потоа тој оди на седница во Европскиот парламент“, рече Мицкоски, додавајќи: „Деновиве добивам информации за повторни жестоки политички притисоци од страна на бугарските европратеници и бугарската Влада дека ако тој извештај биде изгласан тоа можело да ги радикализира проруските струи против сегашната проевропска Влада на Бугарија“.
Премиерот оцени дека таквиот притисок е доказ во каква состојба се наоѓа Бугарија како земја членка на ЕУ и кој реално го попречува евроинтегративниот процес на Македонија.
„Од СДСМ се подготвени на слепо да потпишуваат, но замислете кога би биле така непромислени и лековерни политичари, каде би бил крајот“, порача Мицкоски.
Премиерот најави дека неговата влада ќе продолжи да се бори за европска перспектива.
„Сега е јасна бугарската стратегија за македонскиот идентитет“
Мицкоски дополнително изјави дека конечно излегла на виделина вистинската стратегија на Бугарија:
„За нас е доволно што конечно излезе на површина вистинската причина и стратегија, која доаѓа од нашиот источен сосед, а тоа е создавање на сегашна македонска нација, со сегашен македонски идентитет, кој го говори својот сегашен мајчин јазик, а кој почива на бугарски корени“.
Вајц: „Извештајот не решава билатерални прашања“
Известувачот Томас Вајц минатата недела побара одложување на гласањето на извештајот за 24 јуни, нагласувајќи дека зад документот стојат сите пратенички групи во ЕП.
„Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија“, рече Вајц, потенцирајќи дека извештајот се однесува на владеење на правото, малцинства и реформски процеси.
Можна средба Сиљановска–Жељазков на НАТО Самитот
Во однос на евентуална средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, Мицкоски рече дека таква иницијатива треба да потекне од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Премиерот потврди дека тој нема да присуствува на Самитот. Делегацијата на Македонија ќе ја предводи Сиљановска Давкова. Од бугарска страна, во Хаг ќе присуствува премиерот Жељазков, а не претседателот Радев.
Извор: Плусинфо