Во вторник следната недела ќе биде одржан Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ по кој ќе се знаат персоналните решенија и промена на ресорите во рамки на планираната реконструкција, најави премиерот Христијан Мицкоски. Реконструкцијата, вели тој не се прави само поради резултати кои се постигнати досега, туку и заради промена на приоритетите. Се уште, вели тој, не се знае дали реконструкцијата ќе биде во рамки на промена на една третина од составот или повеќе.
Не се битни само резултатите, дали тие биле добри или недоволно добри или можеби воопшто немало резултати, понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Можеби тие приоритети пред две години имале една форма, после две години имаат поинаква форма. И логично е да владините коалициони партнери по овие две години, ги искатализира сопствените приоритети и онаму каде што можат најмногу да придонесат. Мислам дека оваа реконструкција ќе биде во тој дух и со таква форма. Секој од владините партнери си има свои приоритети во одредени области, ќе има промена на ресори. И во насока на тоа, јас ценам дека во следни следниот период оваа Влада којашто ќе ќе биде доколку ја добие довербата од пратениците, ваква каква што што планираме да биде реконструирана, сега ќе видиме дали тоа ќе биде дали ќе биде тоа во рамките на оние една третина или ќе биде повеќе, очекувам да го заврши многу успешно својот својот мандат, рече Мицкоски во Отвореното студио на МРТ.
За персонални решенија и за ресори, тој не сакаше да зборува и остави да се обзнанат по седницата на Извршниот комитет на партијата.
Сепак тоа се политички одлуки, на политичко ниво треба да се донесат, па дури потоа да ги операционализираме во рамките на Владата. Така што во вторник најпрвин да помине седницата на Извршниот комитет, па дури потоа да ги кажеме кои се ресорите и кои се имињата, но во суштина станува збор за промена на портфолија и промена на приоритети кај владините коалициони партнери, рече премиерот Мицкоски.
Тој како што истакна, не може да зборува на квалитативна основа што е тоа што го очекувал и што е тоа сега што е постигнато, бидејќи, како што истакна, состојбата од која почнале да управуваат со државата, ако ја спореди со состојбата денеска, може да се види, вели, дека денеска сме многу понапред од тоа што сме биле пред две години.
И во делот на консолидирањето, но и во делот на функционирањето на самата институција Влада. Тоа е она коешто можам денеска да го кажам, буквално во сите ресори. Исто така, ќе потсетам дека ние во минатото имавме една, би рекол, мини реконструкција, посебно после локалните локалните избори. И исто сакам тука да потенцирам дека од денешна перспектива ако ги гледаме работите и ако се вратиме две години наназад, ние знаевме дека е тешко, дека е лошо, но верувајте тоа е поезија во споредба со тоа коешто го затекнавме тогаш пред пред две години. Така што, ако некој почнувал од нула, ние почнувавме од длабок, длабок минус. И затоа денеска можам, после овие две години, да кажам дека конечно сме консолидирани и конечно сме подготвени да забрзаме напред. И очекувам оваа реконструкција и овие новодефинирани приоритети, коишто се во рамките на владината програма, се разбира, да да грабиме напред, да го испорачуваме тоа на коешто сме се обврзале пред граѓаните, истакна Мицкоски.
Извор: Република
