Продолжување на реформите и владеење на правото во фокусот на средбата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата оствари средба со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, со цел да се разгледаат напредокот и предизвиците во евроинтегративниот процес. На состанокот посебно внимание беше посветено на институционалната стабилност, владеењето на правото и продолжување на реформите според европските стандарди.

„Денес остваривме средба со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц. На средбата разменивме мислења за актуелните политички и реформски процеси, европската агенда на државата, како и за предизвиците и можностите во процесот на евроинтеграција“, објави Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Премиерот додаде дека разговорите биле насочени кон обезбедување на услови за континуирано спроведување на реформи кои ја зајакнуваат довербата во институциите и ја приближуваат земјата кон стандардите на Европската унија.