Владата понудила раст од 8 отсто годишно за административците
Преговорите за зголемување на платите на административните службеници пропаднале и покрај понудата за годишен раст од осум отсто, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Говорејќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Мицкоски истакна дека Владата од почетокот на мандатот потпишала колективни договори со најголемиот дел од вработените во јавниот сектор, по што следувале конкретни зголемувања на платите.
Тој наведе дека по истиот принцип се потпишале договори во образованието и здравството, се зголемиле платите во МВР и Одбраната и се интервенирало во примањата на вработените во центрите за социјални работи.
Колективни договори до 2028 година
Според Мицкоски, повеќе од 90 проценти од вработените на кои Владата им е работодавач имаат колективен договор со важност до 2028 година, што, како што рече, била свесна одлука.
„Кога сето ова ќе се изанализира, повеќе од 90-тина проценти од вработените на коишто условно кажано им е работодавач Владата има колективен договор со Владата во период од четири години заклучно се 2028 година. Зошто 2028? Затоа што ние не сакавме да преземаме обврски за денот по нас. Ние сакавме кога ќе заврши мандатот на оваа Влада, до тука“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека доколку актуелната Влада добие нов мандат, ќе се пристапи кон нови договори, а како отворено прашање останал само колективниот договор за административните службеници.
„Тоа се отприлика 7.700–7.800 вработени на коишто условно кажано Владата им е работодавач и тие се дел од тие административни службеници“, посочи премиерот.
Понуда за 40 отсто раст за четири години
Мицкоски објасни дека Владата имала конкретен предлог кој предвидувал покрај законското усогласување со минималната плата, и дополнително зголемување од осум проценти секоја година.
„Нашиот последен предлог којшто го ставивме на маса беше платите на административните службеници, покрај тоа што законски мора да се зголемуваат согласно и пропорционално на зголемувањето на минималната плата, да се зголемуваат секоја година плус 8 проценти“, рече Мицкоски.
Тој детално појасни како би изгледал растот на платите низ годините.
„Ако е 100 парички просечната плата, таа се зголемува за минималната плата, да речеме 20 парички, па станува 120, и потоа се зголемува за 8 посто. Истиот принцип важи и во 2026, 2027 и 2028 година, што значи околу 40 проценти зголемени плати“, потенцираше Мицкоски.
Спорниот дел од општиот колективен договор
Како единствен услов, Владата побарала измена на делот од општиот колективен договор кој се однесува на платите, а кој, според Мицкоски, бил нејасно формулиран и подложен на различни толкувања.
„Општиот колективен договор, делот којшто ги регулира платите е нејасно напишан, потпишан од сегашното раководство на ССМ со поранешната министерка, и тој е истечен“, рече премиерот.
Тој додаде дека иако договорот формално важи до донесување нов, Владата предложила платите да се регулираат со нови грански или институционални договори, а паралелно да се подготви нов општ колективен договор за периодот по 2028 година.
„Тие го прифатија ова, но не го прифатија делот каде што баравме измена на општиот колективен договор. Зошто? Затоа што тука некој беше политички заробен, односно сакаше да нанесе штета“, нагласи Мицкоски.
На крајот, премиерот порача дека понудата и натаму останува активна.
„Ова треба да го слушнат сите административни службеници, дека ние како Влада ова го нудиме и е на маса“, рече Мицкоски.
