Премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето во „Топ тема“ на Телма изјави дека судскиот сектор во земјава бара значително поголем буџет од она што го предвидуваат европските стандарди, посочувајќи дека побарувањата се повисоки за околу 75% во однос на повеќето земји во ЕУ. Според него, нема основа за такво зголемување, особено ако се земат предвид резултатите на судството.
„Ако зборуваме за буџетот една анализа да презентирам за македонските граѓани. Ова е европски извештај. Буџетот кој ние како држава го издвојуваме за правосудството е 0,39% од нашиот бруто домашен производ. За да знаат граѓаните соседна Грција издвојува 0,26%, Франција издвојува 0,2%, да одиме чекор понатаму, Германија издвојува 0,3%, а европскиот просек е 0,31% од бруто домашниот производ, а медијаната е 0,28%. Ние издвојуваме повеќе и од медијаната и од европскиот просек или во бројки, повеќе од 75% од земјите членки на ЕУ“, посочи премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека и земјите кои се стремат кон членство во ЕУ издвојуваат помалку средства од Македонија.
„Албанија 0,295%, Молдавија 0,35%, Грузија 0,23%. Од сите имаме повеќе“, рече премиерот.
Мицкоски се осврна и на актуелните барања за законски измени во делот на буџетот за судството.
„Законот вели до 0,8%. Во новите измени на законот бараат минимум 0,8% и минимум 0,5% за обвинителството или вкупно 1,3%, што нема теоретски шанси, затоа што би било три пати повеќе од земјата што издвојува најмногу за правосудството во Европа. Судија почеток според европскиот извештај, годишно заработува 19.170 евра бруто плата, за Словенија од истиот извештај судија почетник заработува 34.101 евро бруто плата или некаде околу 80% повеќе, притоа бруто домашниот производ за Македонија е некаде 6,5 илјади евра, а за Словенија е 28 илјади евра. Или математички судија почетник во Словенија има 80% поголема бруто плата од судија почетник во Македонија, при три и пол пати поголем БДП од тој кој го имаме ние. Каква е пропорцијата тука“, истакна Мицкоски.
Премиерот наведе и пример за висината на платите во судовите.
Тој рече дека, според податоци од еден суд во земјава, претседателот на судот прима околу 180.000 денари месечно, односно приближно 3.000 евра, додека неговата премиерска плата изнесува 155.000 денари.
„Во регионот буџетот за судови, Албанија 0,17% од БДП, ние 0,30%, а Молдавија фронтранери кои напредуваат кон ЕУ 0,18%, Грузија 0,15%. Ова кажува дека буџетот кој владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75% земји членки на Европската Унија, јас не гледам потреба за зголемување на таа сума, а што се однесува до делот одобрување на планот за вработување и унапредување, немам проблем, владата не се меша во судството, но владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари, а кога тие пари ги троши некој орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа“, изјави премиерот Мицкоски.
