Премиерот одбива буџет од 0,8% од БДП

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека актуелното барање за поголем буџет во правосудниот систем е насочено првенствено кон зголемување на платите. Тој истакна дека сите кои тврдат дека станува збор за други потреби „не ја кажуваат вистината“, и додаде дека може „член по член, барање по барање“ да ја објасни позицијата на Владата.

Мицкоски порача дека државата нема да го одобри бараниот буџет од 0,8 проценти од БДП, бидејќи има низа други обврски и приоритети. Според неговите пресметки, ова би значело околу 160 милиони долари, сума која, како што рече, не може да се издвои покрај средствата за НАТО, инфраструктура, плати, пензии и социјални трансфери.

Тој потсети дека земјата моментално издвојува околу 0,39 до 0,44 проценти од БДП за правосудството и дека процентот би се зголемил минимално доколку се обезбедат средства само за персонал.

Пари ќе има – но само за кадар со доставен список

Премиерот нагласи дека судовите и обвинителствата ќе можат да добијат дополнителни средства за нови вработени, но само ако достават прецизен список на потребен кадар, како ИТ експерти, сметководители, асистенти или дактилографи.

„Направете список и ќе ви обезбедиме пари преку ребалансот на Буџетот“, порача тој, објаснувајќи дека средствата ќе бидат доделени по одобрување од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Мицкоски додаде дека е неопходно да се заврши постапката за деветтата генерација судии и обвинители, по што може да се отвори конкурс за десеттата и единаесеттата.