На денешната надзорна расправа во Собранието за случајот „Алта банка“ премиерот Христијан Мицкоски изнесе нови детали.Тој објави одлука на владата на СДСМ каде барала влегување во деловни односи со Алта банка, сега половина пратеничка група тогаш како членови на владата донеле таква одлука.
Мицкоски изјави дека деновиве континуирано се обидуваат одредени политички структури во државата да шират хистерија, се разбира, на лажна основа, против него и против тоа што се случи со купувањето на Стопанска банка-Битола од страна на АЛТА банка-Србија.
-Ги разбирам одредени политички партии кои се обидуваат да катализираат, да филтрираат, да контролираат бизнис процеси во државата. Тоа е една политичка структура која што тоа го има длабоко во својот карактер и начин на политичко функционирање. Но оваа Влада апсолутно така не функционира, секој оној кој ќе ги исполни условите, законите, може слободно да води бизнис во Македонија. Тоа е таа пазарна економија, тоа е таа демократија која оваа Влада ја застапува и тоа се тие демократски вредности позади кои што ние како Влада стоиме. Тие времиња на едноумие, на селектирање, на фамилијарни и семејни бизнис профили е поминато, поразено неколку пати на избори и убеден сум дека тоа нема да и се повтори на Македонија, рече премиерот.
Во воведот на прашањето од Венко Филипче беше дадено и името на сопственикот на АЛТА банка-Србија, Давор Мацура, дека тоа било лична банка на Александар Вучиќ, а пратеникот зборуваше и за парите, капиталот… На сево ова, Мицкоски во Собранието покажа документ – извадок од нацрт записник на владина седница одржана на 24.10.2023, кога претседател на Владата е Димитар Ковачевски.
-На самата седница на Владата тогаш се отвора темата за АЛТА банка-Белград. Односно, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегува со информација во која што бара од Владата да му одобри на државното правобранителство да влезе во деловни односи со АЛТА банка-Србија. Уште во 2023 Владата на СДСМ и ДУИ му дава насока на правобранителството да влезе во деловни односи со истиот овој сопственик Давор Мацура. Па тука се поставува прашањето дали тогаш тие знаеле кој е или кога се одлучиле акциите кои ги поседува државата во банката која ја купува Мацура да му ги продаде имале претстава исто така дека тоа е руски капитал, прљави пари, криминално стекнати пари (како што велат сега) или тогаш тоа не важело, рече премиерот.
На таа владина седница, посочи Мицкоски, е присутна половина пратеничка група на СДСМ, во својство на членови на Влада.
-Сите тие гласале да се даде право на државното правобранителство акциите сопственост на Македонија во банката која што ја купува Давор Мацура да му ги оттуѓат. Сега се поставува прашањето каков е тогаш тој капитал? Дали тој капитал е поинаков, дали тогаш Вучиќ не бил режим и не била банката на Вучиќ, кој што го молеа и правеа естрада кога добиваа 5000 вакцини бидејќи беа неспособни во короната да купат вакцини, па бевме рекордери по бројот на луѓе кои починаа или можеби во таа 2023-та имало некои други околности. Јас сум вчудоневиден, но сакам македонската јавност ова јасно да го знае. Македонија како држава во деловни односи со АЛТА банка на Мацура ја носи Владата на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
